Рубрика: Медицина
Пандемиска викенд анализа – 15.10.2021.
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 16.10.2021 - 14:45

Во неделата од 8.10 до 14.10.2021, сосема очекувано, продолжи да расте учеството на вакцинираните кај новодијагностицираните (портокаловата линија на првиот дијаграм), како што расте опфатот со вакцинација кај населението (портокаловата линија на вториот дијаграм). Кај смртните случаи има поголема варијабилност, но исто така трендот е генерално нагорен.

Инциденците на заразување кај вакцинираните и невакцинираните оваа недела изнесуваа 180, односно 234 новодијагностицирани на милион луѓе дневно, што дава ефективност против заразување од 23% (портокаловата линија на третиот дијаграм). Падот на ефективноста најверојатно е експоненцијален, односно намалувањето е сé побавно со текот на времето.

Инциденците на смртните исходи кај вакцинираните и невакцинираните, постари од 60 години, изнесуваа 17 и 139 починати на милион дневно, што неделава дава ефективност против смртен исход кај постарите од приближно 88%.

Во сите пресметки е сметано дека вкупното население изнесува 1,8 милиони жители. На вториот дијаграм опфатот со вакцинација кај постарите од 18 години (за пресметка на ефективноста против заразување) е од пред 14 дена, а кај постарите од 60 години (за пресметка на ефективноста против смртен исход) од пред 24 дена. Ова е направено за да се доведат во корелација последните заразени и починати со тогаш вакцинираните.

Од почетокот на Делта сојот до денес во земјава починале 1396 лица. Доколку никој не бил вакциниран би починале околу 2.980, а доколку сите биле вакцинирани со постоечкиот микс од вакцини би починале околу 337 лица. Во Македонија вакцините го намалиле леталитетот за околу 8 пати, а морталитетот за околу 2,1 пати (второто поради слабиот опфат со вакцинација, ако биле сите вакцинирани морталитетот би бил намален за 8 пати). Ова важи за Делта сојот. Слушаме од светот дека вакцините го намалувале леталитетот за 20 пати, но така било пред доаѓањето на Делта сојот, како и со поефикасни вакцини. Исто така, некои земји веројатно даваат и лажни податоци. Во секој случај, нашите броеви изгледаат реално, барем со овие вакцини и Делта сојот на вирусот.

Инаку неделава бројот на целосно вакцинирани возрасни (748 563) речиси се изедначил со бројот на невакцинирани (751 437), како то се гледа на четвртиот дијаграм. Иако бројот на вакцинирани точно се знае, бројот на невакцинирани, во услови на непрецизен и политизиран попис на населението, можеме само да го процениме од бројот на вкупно и возрасно население (претпоставено е 1,5 милион возрасни од 1,8 милион вкупно население).

Клучни зборови: