Рубрика: Аудио и видеотехника
Наскоро: Светска премиера на звучникот Legendary од соработката Теохаров – Стефановски
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.10.2021 - 13:45

И годинава Теохаров Аудио е дел од излагачите на најголемиот музичко-визуелен настан во Хрватска – Too Loud Fest 2021, којшто се одржува во Загреб.

Kако што вели организаторот на Too Loud фестивалот се работи за случување кое не сакате да го пропуштите aко сте љубител на музиката, модерниот дизајн и новите технологии. Оваа реченица се чини дека го дефинира брендот Теохаров, кој повеќепати досега бил дел од него. Оваа година, сосема соодветно, на посебно организиран настан, надвор од стандардната изложување, Теохаров Аудио ќе го промовира своето најново дело – Legendary.

Се работи за лимитирана едиција на звучници кои се направени во соработка со гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Нашите читатели веројатно се сеќаваат дека соработката помеѓу Теохаров и Стефановски беше најавена во јуни оваа година на настанот кој беше организиран во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје, кога беше најавена изработката на лимитирана едиција звучници со сите High-End карактеристики на брендот Теохаров, која визуелно и концепциски ќе биде реализирана по идеја на Влатко, со “боја” на звукот според неговите преференции. Неполни четири месеци подоцна и производот е подготвен за промоција.

Светската премиера на Legendary е закажана за 17 октомври, точно напладне во хотелот DoubleТree by Hilton во Загреб. Во рамките на презентацијата планирано е Влатко Стефановски да свири во живо при што за озвучување ќе бидат користени токму звучниците кои се плод на соработката со Теохаров.

За сите нас кои нема да сме во можност да присуствуваме на лице место, ќе биде обезбеден директен пренос на официјалната фејсбук страница на Теохаров Аудио. Дополнително, во рамки на АудиоКултура ќе биде организиран настан за следење на преносот во живо во добро друштво и пријатна атмосфера.

Не знам за вас, но ние со нетрпение го очекуваме овој настан и, секако, ќе ве известиме за нашите впечатоци и оценки.

Клучни зборови: