По едно одлагање, вчера, поради лоши временски услови, денес конечно ќе се реализира вториот вселенски лет со човечки екипаж на Блу Ориџин до вселената. А со овој лет, барем за неколку минути, во вселената ќе се најде и Вилијам Шетнер, ака капетанот Џејм Т. Кирк од “Ѕвездените патеки”. Целиот настан ќе биде пренесуван во живо...
Блу Ориџин ќе ја лансира ракетата/капсула Њу Шепард од платформата со назнака Site One, лоцирана во западен Тексас, во близина на градот Ван Хорн. Настанот е закажан во 9 наутро по локално време, односно во 16 часот по средноевропско време. Директниот пренос е планиран да започне во 90 минути пред самиот чин на лансирање, а може да се проследи на сајтот на Блу Ориџин како и на нивниот YouTube канал.
Денешниот втор лет со екипаж се случува 12 недели по првиот со којшто во вселената беа лансирани основачот на компанијата Џеф Безос, неговиот брат Марк, 82-годишниот пилот ветеран Воли Фанк и 18-годишниот холандски студент Оливер Демен. Денес, заедно со 90-годишниот Вилијам Шатнер, кон вселената ќе полетаат и потпретседателот на мисијата и летачката оператива на Блу Ориџин, Одри Пауерс, соосновачот на Планет Лабс, Крис Бошуизен, и соосновачот на Медидата, Глен де Врис.
Целиот лет ќе трае околу 11 минути а екипажот ќе искуси сè на сè околу 4 минути бестежинска состојба. Ракетниот бустер ќе се одвои од капсулата Њу Шепард по окол 8 минути од лансирањето, по што контролирано ќе приземји на оддалеченост од околу 3 километри од лансирната рампа.
Додека бустер ракетата сè уште слетува екипажот ќе ја досегне максималната висина, нешто над Карман линијата, по што ќе се брати назад на земјата.
Блу Ориџин ќе го пренесува секој момент од овој настан, со камери на земја и од капзулата. Преносот ќе заврши околу 16 часот и 30 минути по македонско време.
Ажурирано:
Кап. Кирк се врати трогнат од работ на вселената. По успешното приземјување и по пауза во која очигледно ги сумираше сите чувства од суборбиталниот скок, Шатнер мошне елоквентно и со многу чувство прозбори за првиот пат кога вистински ја гледате Земјата во целост како дом и симбол на животот, а огромното црно пространство на вселената како закана од непознатото. Џеф Безос од своја страна личеше како да му е здодевно, но што да се прави... Некои работи ги разбираат само оние со артистички и философски настроена душа и мисла.
П. С. за да го прескокнете "тупењето" во американски новинарски стил, каде минимум 50 пати се повторува истото одгледајте ги последните 15 минути од видеото во прилог.