За првпат во светот, минатата недела научници пилотираа дрон-пловило опремено со камера во внатрешноста на ураган од категорија 4 што се движеше преку Атлантскиот Океан. Зашеметувачките снимки од малечкото пловило што во внатрешноста на ураганот Сем се бори со 15-метарски бранови и ветер со брзина од над 190 km/h, беа објавени од страна на американската Национална администрација за океани и атмосфера.
Дронот, којшто наликува на роботизирана штица за сурфање, е дело на компанијата Сејлдро (Saildrone), па оттаму го доби и истото име – Сејлдрон. Автоматизираното пловило, долго 7 метри, се напојува со користење на енергијата од ветерот. Сејлдрон е дизајниран за работа во екстремни услови, какви се нели оние во внатрешноста на ураганот. Наменет е за собирање на податоци кои би им помогнале на научниците да дознаат што повеќе за една од најразорните сили на Земјата.
Видео снимено со камерата вградена на Saildrone 1045 и анимација којашто ја покажува точната локација на дронот во внатрешност на ураганот Сем на 30.9.2021
Веб-страницата на Сејлдрон покажува дека со помош на инструментите вградени во него дронот може да сними мерења од типот брзина и насока на ветерот, барометарски притисок, температура, салинитет, влажност и многу повеќе.
Научниците се надеваат дека овие дополнително добиени податоци би помогнале за подобрување на прогнозните модели со кои се предвидува брзата промена во интензитетот на ураганите. Имено, ураганските ветрови можат да ја променат брзината, во нагорна линија, во рок од неколку часа и да станат сериозна закана за крајбрежните населби.
Како што и претходно сме пишувале, научниците предупредуваат дека климатските промени го затоплуваат океанот што придонесува за создавање на сè помоќни урагани.
Видеоснимка направена од Saildrone 1045 во внатрешноста на ураганот Сем на 30.9.2021