Рубрика: Астрономија и астронаутика
Инспирација 4 полета кон вселената
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.09.2021 - 14:15

Доцна синоќа, околу полноќ по средноевропско време, екипажот на Inspiration4 официјално ја започна новата ера на цивилно вселенско истражување. Мисијата беше лансирана со ракетата Falcon 9 на SpaceX од историскиот комплекс за лансирање 39А на НАСА, од кадешто беа лансирани мисиите Аполо, во вселенскиот центар Кенеди, Флорида.

Екипажот на мисијата го сочинуваат четворица цивили кои симболично ги претставуваат четирите инспиративни цели за човештвото кои се преточени во слоганот на мисијата – лидерство, надеж, великодушност, просперитет. Командантот на мисијата, милијардерот Џаред Ајзакмен и основач на Shift4 Payments, ги откупи местата за овој вселенски лет со цел да обезбеди донации за Детската истражувачка болница “St. Jude” го симболизира лидерство. Хејли Арсено, која како дете се изборила со ракот и денес е медицински асистент во “St. Jude”, ја симболизира надежта. Крис Семборски, податочен инженер во Локид Мартин, ја симболизира великодушноста, додека Сајан Проктор, геолог и специјалист за научна комуникација, кој беше избран да учествува преку наградниот конкурс организиран од компанијата на Ајзакмен, го симболизира просперитетот.

Екипажот на Inspiration4 пред полетување и влегување во капсулата Dragon

За разлика од вселенските летови на милијардерите Бренсон и Безос, на кои бевме сведоци летово, мисијата Inspiration4 е планирано да лета на многу повисока орбита, а и за разлика од кратките орбитални скокови, нејзиниот екипажот треба да помине цели 3 дена во вселената во леталото SpaceDragon.

Од моментот кога мисијата беше најавена во март оваа година, екипажот на Inspiration4 ги мина изминатите шест месеци завршувајќи широк спектар активности за обука, вклучувајќи центрифугален тренинг, симулации на леталото Драгон, набљудувања на други операции за лансирање, обука на авион со постигнување нула-гравитација, висинска обука и дополнителни школски, симулациски и медицински тестирања. Оваа интензивна, фокусирана подготовка била од суштинско значење за четворицата обични луѓе (кои не се познаваат) да прераснат во вистински астронаутски екипаж којшто во моментов орбитира околу Земјата.

Непосредно пред лансирањето, командантот на мисијата Џаред Ајзакмен меѓу другото изјави: “Бевме добро подготвени за предизвиците пред нас во следните три дена и со нетрпение очекуваме да го споделиме нашето искуство со светот.”

Мисијата Inspiration4 означува неколку историски пресвртници во истражувањето на вселената. За почеток, ова е прва мисија со целосно цивилен екипаж што ќе орбитира околу Земјата, потоа прва мисија на Crew Dragon во слободен лет и прва орбитална мисија со човечки екипаж, по мисијата за сервисирање на Хабл СТС-125 во 2009 година, којашто нема да се вкотви со вселенска станица. Исто така висината на орбитирање е поставена на околу 575 километри, што е подалеку од кој било вселенски лет со човечки екипаж во последниве 12 години. Во наредните три дена, колку што е планирано да трае оваа мисија, летот на Inspiration4 ќе биде будно следен од контролата на мисијата во SpaceX, додека тие ја изминуваат однапред утврдената патека со брзина од една орбита околу планетата на секои 90 минути.

Вака за присутните во Кејп Канаверал изгледаше лансирањето на Inspiration4

Додека екипажот е во орбита околу Земјата планирано е да изврши повеќе внимателно избрани истражувачки експерименти врзани за здравјето, координацијата и способноста за работа, коишто ќе најдат потенцијална примена како во медицината на Земјата, така и при идните вселенски летови со човечки екипаж. Освен тоа SpaceX, Translational Research Institute for Space Health (TRISH) при Медицинскиот колеџ во Бејлор и истражувачите во Weill Cornell Medicine ќе соберат биомедицински податоци и податоци од опкружувањето, но и биолошки примероци од четворицата членови на екипажот пред, за време и по овој историски вселенски лет. Овие податоци потоа ќе бидат оставени достапни за сите истражувачи.

Екипажот во орбита ќе учествува и ќе ги спроведува следниве експерименти:

• Прибирање на ЕКГ податоци за  време на движење и спиење, следење на пулсот и неговиот ритам, следење на заситувањето на крвта со кислород , како и следење на нивото на бучава и интензитетот на светлина во кабината.

• Завршување на серија тестови во апликацијата Cognition со којашто можат да се проценат промените во однесувањето и во когнитивните перформанси. Ова е истата апликација којашто ја користат и астронаутите на НАСА.

• Скенирање со ултразвук на органите со помош на уредот Butterfly IQ+, којшто е дизајниран да работи со помош на вештачка интелигенција и е наменет за лица без особена медицинска експертиза. Добиените податоци треба да покажат дали немедицински лица можат самостојно да направат слики за клиничка проценка без дополнителна поддршка од Земјата, а истовремено ќе обезбедат и слика во реално време за биолошките промени пред и за време на вселенските летови. Уредот претходно беше тестиран од страна на астронаути на Меѓународната вселенска станица.

• Проверка на функиционирањето на имуниот систем и за евентуални воспаленија, со помош на уредот Vertical Flow Immunoassay (VFI) кој ги обезбедува овие податоци од капки крв.

• Проверка на сензорната адаптација при промена на гравитација, којашто се врши преку тестови за рамнотежа и за перцепција пред и ведаш по летот.

• Архивирање, целосна анализа и споделување на биомедицинските примероци и податоци со истражувачите од Weill Cornell Medicine и доставување на истражувачките податоци до базата на податоци со отворен формат којшто ќе овозможи поширока научна истражувачка соработка.

Елон Маск и четиричлениот екипаж на оваа историска мисија

Освен овие тестови и еисперименти SpaceX во соработка со Weill Cornell Medicine врши и лонгитудинална, мулти-омична анализа на екипажот, вклучувајќи геном, епигеном, транскриптом, протеом, микробиом, метаболом, егзозом, теломер, едноклеточни V (D) J имунофенотипизирање и мапи на епитопи и анализа на просторна транскриптома. Овие примероци и податоци ќе бидат додадени на планираната Биобанка која ќе содржи криогенски замрзнати примероци и податоци од мисијата Inspiration4.

По тридневното патување, тимот на Inspiration4 е планирано да слета во водите на Атлантскиот океан во близина на брегот на Флорида.

Мисијата може да се следи на spacex.com/launches преку нивната алатка Drack Tracker, но и на социјалните платформи  Твитер (@inspiration4x), Facebook (@inspiration4mission) Instagram (@inspiration4) и YouTube (@Inspiration4).

Како протече лансирањето на Inspiration4
Клучни зборови:
Вака за присутните во Кејп Канаверал изгледаше лансирањето на Inspiration4

Вака за присутните во Кејп Канаверал изгледаше лансирањето на Inspiration4

Екипажот на Inspiration4 пред полетување и влегување во капсулата Dragon

Екипажот на Inspiration4 пред полетување и влегување во капсулата Dragon

Од обуката за навикнување на бестежинска состојба

Од обуката за навикнување на бестежинска состојба

Елон Маск и четиричлениот екипаж на оваа историска мисија

Елон Маск и четиричлениот екипаж на оваа историска мисија