Рубрика: Медицина
Пандемиска анализа – 15.9.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 16.09.2021 - 11:00

Со доцнење од две недели, Институтот за јавно здравје – Скопје конечно ги објави броевите на активно хоспитализирани и досега испишани од болниците. Бројот на активно хоспитализирани во неделата (12.9.2021) опадна на 983, од рекордните 1176 една недела претходно.

Како што знаеме, процепот којшто се појавува помеѓу сината и црвената линија на првиот дијаграм е поради кусокот на хоспитализации, кога се раскинува нормалната врска помеѓу растот на бројот на активните случаи и хоспитализираните. На вториот дијаграм забележуваме дека последниве недели стапката на хоспитализираност (соодносот на броевите на хоспитализирани и активни случаи) е константно под 10%, односно изнесува малку под 8%. Од една страна, тоа изгледа како добра вест, бидејќи можеме да помислиме дека тоа се должи на полесната клиничка слика што ја дава Делта сојот или поради влијанието на вакцините. Да испитаме поблиску дали е така.

Досегашната стапка на болнички леталитет од почетокот на епидемијата приближно изнесува 43,4%. Тоа одговара на 5963 починати во болнички услови заклучно со 12.9.2021 (одземени се 5% починати во домашни услови од вкупно 6277 починати) од вкупно 13745 влезените во болниците 7 дена претходно, односно до 5.9.2021. Ќе ја изоставиме пресметката на овој последен број, што се базира на бројот на починати, бројот на живи испишани, бројот на активно хоспитализирани и процентот на починати во болнички услови (споменатите 95%).

За да ја пресметаме стапката на болнички леталитет во летниот бран (бранот на Делта сојот), го земаме бројот на починати во болнички услови од 18.7.2021 до 12.9.2021, којшто изнесува 751 лице. Исто така, го земаме и бројот на лица коишто влегле во болниците 7 дена претходно, односно од 11.7.2021 до 5.9.2021, којшто изнесува 1857 лица. Така ја наоѓаме стапката на болнички леталитет од 40,4% (повторно земајќи ги предвид петте проценти починати во домашни услови).

Заклучуваме дека леталитетот во летниот бран е помал само за 3 процентни поени (апсолутно намалување) во однос на севкупниот просек од 43,4%, односно процентуалното (релативно) намалувањето изнесува само (43,4%-40,4%)/43,4% = 6,9%. Ова е навистина премало намалување за дадениот опфат со вакцинација. Недостасуваат податоци за поточна пресметка, меѓутоа приближно излегува како да биле хоспитализирани речиси исклучиво невакцинирани, а за нив важи досегашната стапка на болнички леталитет од 43,4%.

Од друга страна, вчера видовме и дека општата стапка на леталитет во летниот бран (3,15%) е многу блиска до севкупната стапка од почетокот на епидемијата во Македонија (3,52%). Така излегува дека не само што се хоспитализирале само невакцинирани, туку и се заразувале само невакцинирани, но ова е во спротивност со броевите што ги добиваме во петоците за дијагностицираните и починатите, невакцинирани и вакцинирани. Да се потсетиме, тие броеви кажуваат дека разликата во инциденците на дијагностицираните вакцинирани и невакцинирани е сè помала (ефективноста против заразување опаѓа), додека разликата во инциденците кај починатите речиси не се менува (ефективноста против смртен исход останува константна). Од друга страна, стапките на леталитет (општата и болничката) не покажуваат голема разлика, што не одговара на разликите помеѓу двата вида ефективности.

Уште еднаш треба да се подвлече дека недостигаат многу податоци (пред сè пресек по градови), но ова што го имаме дефинитивно ни од далеку не одговара на состојбата во Велика Британија, Данска или Израел. Најкратко кажано, опфатот со вакцинација ни е само два пати помал во однос на тие земји, но леталитетот и морталитетот ни се многукратно (5-20 пати) поголеми. Останува само објаснувањето дека вирусот точно ги пронашол и ги усмртил најмногу невакцинираните, но и ова не е сигурно (постои веројатност да има некаква манипулација со броевите).

Клучни зборови: