Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фото на неделата: Исчезнати метеори
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.09.2021 - 17:30

Една значајна последица од т.н. светлинско загадување е “исчезнување” на помалку сјајните метеори кои се губат во халото од градска светлина. Па така, што поблиску живеете до некоја урбана зона, толку помала е бројката на метеори што ќе ги видите. Ова практично е прикажано и на сликата во прилог.

Левата страна од фотографијата е дело на Томас Словински од Словачка, кој го фотографирал ноќното небо над Националниот парк Полонини. Во ова опкружување тој имал темна средина која била оценета со 2 на Бортловата скала. Од десната страна на фотографијата е ноќното небо фотографирано од Перт Хоралек во близина на браната Сеч во Чешка, во опкружување оценето со 4 според Бортловата скала.

Бортловата скала е дело на Џон Бортл (John E. Boortle). Создадена е во 2001 година и истата година е објавена во магазинот Sky & Telescope. Нејзината цел е да им овозможи на астрономите аматери подобро да ја проценат темнината на одредено место за набљудување. Скалата користи практични набљудувања на небесните објекти за да ја процени севкупната осветленост на небото.

Но, да се вратиме на фотографијата. Разликата помеѓу “двете” неба е околу илјада ѕвезди, кои на едната страна стануваат невидливи со голо око. Очигледно, повеќе метеори можеле да се забележат на чистото ноќно небо над Полонини отколку над езерото Сеч. Обете фотографии се направену за време на метеорскиот дожд Персеиди на почетокот од август минатата година. Исто така, обајцата фотографи користеле мошне слична опрема и техника за  обработка на фотографијата. Имено, обајцата користеле фотоапарат Canon 6D со 2 x 12 mm објектив Samyang.

Клучни зборови: