Рубрика: На граница на науката
Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (10)
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 01.09.2021 - 10:45

Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој десетти дел од серијата зборуваме за темата: „Радиоемисиите од Аполо“.

10. Радиоемисиите од Аполо

Сите теории на заговор имаат една голема, фатална маана – штом ќе се укаже на контрадикторност на некој дел од нив, „верниците“ во тие теории за заговор, во безуспешен обид да го закрпат тој проблем, мора да ги прошират (надујат) своите измислици до комично-апсурдни големи пропорции. И така, тој насила надуен балон расте и расте, сè додека не пукне … од срам. Конкретно, „верниците“ во теоријата на заговор дека астронаути не дошле до Месечината, тврдат дека НАСА ги потплатила/заплашила/уценила сите 400.000 луѓе (астронаути, инженери, техничари, службеници, чистачи на нужници...) кои на некаков начин биле вклучени во Аполо програмата, да не ја откријат „вистината“ дека спуштањето на Месечината наводно било снимено во некое холивудско студио. Едно што е нелогично ама баш ниту еден човек од таа група од 400.000 луѓе да не излезе во јавноста да ја каже „вистината“ дури ни сега – по 50 години, уште понелогично е што на ниту еден од тоа мноштво луѓе не му се испуштило случајно во муабет (на пример – пијан, во друштво) да ја каже „вистината“ некому надвор од таа „строго контролирана група“!? Но ајде, да претпоставиме дека тоа било така. Ама што да правиме со оние луѓе кои се надвор од таа група од 400.000 луѓе „чипирани“ од НАСА? Како НАСА ги контролирала нив? Е па никако – тоа не е можно! И тука „верниците“, во очај, почнуваат да го дујат балонот...

Да видиме на кој начин некој надвор од претходно спомнатите 400.000 луѓе сепак би можел да провери дали астронаутите се упатиле накај Месечината и дали биле на неа? Едноставно – преку радиопораките со кои Аполо астронаутите комуницирале со Земјата. Имено, на Командниот и на Лунарниот модул бил монтиран по еден радиопримопредавател и по една антена насочена во секој момент кон Земјата. Радиокомуникацијата се вршела во S-појасот на фреквенции (S-band), на фреквенција од приближно 2,1 GHz (uplink – кон Аполо) и 2,3 GHz (downlink – кон Земјата). Научниците од MIT (Massachusetts Institute of Technology) развиле компактен и робусен систем со кој успеале во еден радиосигнал да сместат сè што било потребно: гласовни комуникации, биомедицински податоци за астронаутите (ЕКГ, ниво на CO2 и O2, температура,...), ТВ сигнал, телеметрија и код за мерење далечина. Целиот тој систем бил наречен Unified S-band. На овој линк (тука) можете да го најдете документот од НАСА од 1965 година во кој детално е објаснет целиот Unified S-band. Бидејќи НАСА е државна институција, тој документ, заедно со сите други можни, бил (и е) јавно достапен, па некои заинересирани радиоаматери детално го проучиле, цели 4 години пред да полета Аполо 11. За оние помрзливите, радиоаматерското списание CQ објавило статии за фреквенциите и останатите детали за Аполо радиокомуникациите во броевите од март 1969 година (пред да полета Аполо 11) и јуни 1969 година. Тие броеви можете да ги прочитате на следниве линкови: observatory.jctcfaculty.org/APOLLO11/HiResImages/LB005.pdf и observatory.jctcfaculty.org/APOLLO11/HiResImages/LB006.pdf.

Слика 1: Оригиналниот нацрт на Бејсингер за антената со која ги слушал астронаутите од Аполо 11 додека биле на Месечината.

Така, американскиот радиоаматер Лери Бејсингер (Larry Beysinger, W4EJA), кој воедно бил и радиоастроном-аматер, навремено си изградил голема антена – слика 1, со која планирал да ја следи комуникацијата на астронаутите од Аполо 11. За радиоприемник користел рисивер од американски тенк, купен од американските „воени вишоци“ (т.е. расходувана воена опрема – military surplus). Мало појаснување: во САД постои голем и раширен бизнис со тие military surplus – јас пред неколку години си купив од таму огромен објектив од фотоапарат изваден од воен извиднички авион! Откако го модифицирал воениот рисивер, и добро опремен со големата антена, веќе на 20 јули 1969 година (пред да слетаат на Месечината) Бејсингер бил во можност да ја чуе целата комуникација на астронаутите од Аполо 11 со вселенскиот центар во Хјустон. Се разбира, не можел да чуе ништо од Хјустон испратено до астронаутите, бидејќи неговата антена била насочена кон Месечината. Во оваа авантура, на Бејсингер му помагал неговиот пријател Глен Радерфорд (Glenn Rutherford), кој работел како репортер во локалниот весник Louisville Courirer-Journal (државата Кентаки). Заеднички ја насочувале антената кон Месечината (кога не била насочена таму, сигналот се губел), а кога  бил вршен директниот ТВ пренос од стапнувањето на Армстронг на Месечината, забележале дека ТВ сигналот доцнел неколку секунди во однос на нивниот приемен сигнал – што е нормално со оглед на начинот на кој ТВ сигналот се пренесувал низ целиот систем. Воодушевен од ова сензационално достигнување на скромниот радиоаматер Бејсингер, Радерфорд напишал репортажа која била објавена во весникот Louisville Courirer-Journal на 23 јули 1969 година, додека командниот модул на Аполо 11 сè уште бил на пат назад кон Земјата (слетал на 24 јули) – слика 2. Снимките на Бејсингер се дигитализирани премногу доцна, пред само 10 години, кога снимените магнетoфонски ленти веќе претрпеле неповратна деградација по 40 години чување – има зголемен шум, но сепак говорот на астронаутите може да се разбере. Дел од снимките можете да ги чуете тука. Препорачувам на еквализаторот да ги издигнете фреквенциите меѓу 300 и 3500 Hz.

Слика 2: Сензационалниот успех на Бејсингер објавен во весникот Louisville Courirer-Journal на 23 јули 1969 година.

Да спомнам и дека на Бејсингер ова не му била прва средба со комуникации од вселената – тој претходно како радиоастроном-аматер ги слушал радиошумовите од Јупитер, а ги симнувал и сликите од метеоролошките сателити во орбита околу Земјата.

Во август 1971 и во април 1972 година, американските радиоаматери Paul Wilson (W4HHK) и Richard Knadle (K2RIW) ги слушале радиокомуникациите на астронаутите од Аполо 15 и Аполо 16, за што објавиле статии во списанието QST, издание на американскиот сојуз на радиаматери AARL: „Houston, this is Apollo... “ (QST Magazine June 1972, page 60-65); „W4HHK Reports Apollo 16 Reception“ (QST Magazine June 1972, page 95); „Apollo 16 Reception by K2RIW“ (QST Magazine July 1972, page 90).

Што кажуваат “верниците“ за овие независни докази дека астронаутите се јавиле од Месечината? Ништо – тие „верници“ не ни знаат за постоењето на овие докази! Но сега веќе кога знаат, што би кажале? Најверојатно би кажале дека НАСА однапред ги платила Бејсингер и Радерфорд за да глумат дека ги слушнале радиосигналите од Аполо, со цел да креираат лажен независен доказ за поголема кредибилност. Еве го тука тоа дуење на балонот – наводно НАСА троши дополнителни пари на надворешни луѓе за да креира јавно мнение дека астронаутите се спуштиле на Месечината. Но ако е така, зошто НАСА го платила објавувањето на таа вест во тотално непознатото локално весниче Louisville Courirer-Journal, кое ретко кој ќе го прочита, наместо во светски познатиот весник The New York Times, пред очите на целата светска јавност? Изложени на ваква нелогичност, „верниците“ најверојатно би се обиделе да ја закрпат својата шуплива глупост со нова измислица – на пример, дека НАСА тоа намерно го направила, за да не биде премногу сомнително да излезат со таква вест во светски познат медиум. Но што правиме тогаш со статиите од Paul Wilson и Richard Knadle објавени во QST Magazine, најпознатото и најголемото во свет списание за радиоаматери, кое излегува непрекинато од 1915 година и кое има побројни претплатници од повеќето светски познати весници? Е тука веќе „верниците“ нема што да кажат, соочени со контрадикцијата во која сами паднаа! Надуениот балон е пред пукање...

До каде може да се протега, според „верниците“, влијанието и „долгата рака“ на НАСА во нејзините наводни обиди да потплатува/заплашува/уценува луѓе да лажат дека ги слушнале радиоемисиите од Аполо астронаутите? На пример, дали НАСА го потплатила професорот Хајнц Камински (Heinz Kaminksi) од Бохумската радиоопсерваторија (тогаш во Западна Германија) за да лаже дека ги слушал и снимил разговорите на астронаутите од Месечината преку 20-метарската радиоантена (снимките можете да ги чуете на линкот https://honeysucklecreek.net/other_stations/bochum/index.html )? И уште платила објавување на статија во 1972 година (линк: www.classicbroadcast.de/stories/stories_sternwarte_bochum.pdf ), со објаснување од професорот Камински како го направил тоа, плус фотографија од ТВ сигналот емитуван од Аполо 16 директно од Месечината?! Знаеме дека Западна Германија била блиска со САД и дека НАСА била богата, но сепак – уште еден човек за потплатување, и тоа познат и признат професор?! А што правиме со останатите луѓе запослени во истата таа Бохумска радиоопсерваторија? Таму во истото време се сновале и други луѓе: астрономи, инженери, техничари, секретарки, плус неизбежниот чистач на клозети – дали и нив НАСА ги потплатила?! Балонот се дуе до опасни граници...

Уште по успехот на Аполо 8 – првиот човечки екипаж кој орбитирал околу Месечината, било повеќе од јасно дека Советскиот сојуз ја изгубил „вселенската трка“ со САД и дека нема да успее да испрати свои астронаути на месечевото тло. Логигично би било да се претпостави дека Советскиот сојуз многу детално ги следел сите радиокомуникации што доаѓале од американските сателити и ракети, па и од Аполо 11. Што мислите, колку би биле гласни Советите ако би забележале дека НАСА, да кажеме, го лажира спуштањето на Месечината? Советите едвај би чекале некаква грешка за да го „закопаат“ својот „класен непријател“ и најголем политички и воен противник. Но Советите молчеле – дали тоа значи дека НАСА го потплатила целиот политички врв на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (заколнатиот непријател на „трулиот Запад“), заедно со сите астрономи и инженери кои ги следеле и прислушувале радиоемисиите од американските сателити и ракети, вклучително и сите Аполо мисии?! Притоа, да не ги заборавиме и останатите сведоци на тие советски прислушувања: техничари, мајстори, секретарки, чистачи на клозети – дали и нив НАСА ги потплатила?! На следниов линк (тука) можете да ја прочитате книгата за животот и делото на академик Михаил Сергеевич Рјазанскиј – главниот конструктор на советските ракетно-вселенски радиокомуникациски системи. Во книгата се дадени сведоштва за него од неговите колеги. На страните 56 – 58 е свдочењето на проф. д-р. Евгениј Павлович Молотов, кој кажува дека академикот Рјазанскиј во рекордно кратко време проектирал и изградил цел комплекс специјално наменет за следење на радиокомуникациите од Аполо ракетите, кој бил функционален веќе во ноември 1968 година, таман навреме пред летот на Аполо 8 во декември 1968. Комплексот бил стациониран на Крим, а во неговиот склоп важен инструмент била големата параболична антена од 32 метри. Детално биле следени радиокомуникациите од Аполо 8, Аполо 10, Аполо 11 и Аполо 12.

И тука дефинитивно можеме да заклучиме дека пукна балонот надуен од глупостите на „верниците“ во теоријата на заговор дека американските астронаути не се спуштиле на Месечината. Не може НАСА да ги потплати или замолчи сите луѓе на планетава, а особено не оние кои им биле заколнати непријатели.

Слика 3: Валентина Терешкова му оддава почест на Нил Армстронг. Уште еден доказ дека СССР им призна на Американците дека први стапнале на Месечината.


На крај, кога ќе се собере колку пари и ресурси би требала да потроши НАСА за наводно да го лажира спуштањето на Месечината (потплатување на луѓе на сите континенти, изготвување на документација, изработка на ракети и нивно лансирање пред илјадници сведоци, ...) излегува дека поевтино и поедноставно било реално да се испратат астронаути на Месечината.

Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0Afzyxv3DesRR3dGtYywy...

Клучни зборови:
Слика 1: Оригиналниот нацрт на Бејсингер за антената со која ги слушал астронаутите од Аполо 11 додека биле на Месечината.

Слика 1: Оригиналниот нацрт на Бејсингер за антената со која ги слушал астронаутите од Аполо 11 додека биле на Месечината.

Слика 2: Сензационалниот успех на Бејсингер објавен во весникот Louisville Courirer-Journal на 23 јули 1969 година.

Слика 2: Сензационалниот успех на Бејсингер објавен во весникот Louisville Courirer-Journal на 23 јули 1969 година.

Слика 3: Валентина Терешкова му оддава почест на Нил Армстронг. Уште еден доказ дека СССР им призна на Американците дека први стапнале на Месечината.

Слика 3: Валентина Терешкова му оддава почест на Нил Армстронг. Уште еден доказ дека СССР им призна на Американците дека први стапнале на Месечината.