Ако сте по науката, а штом нè следите веројатно сте, тогаш можно е под радар ви се протнала фејсбук страницата на Unbiased Science. Се работи за фан-страна на истоимениот подкаст којшто е дело на две девојки, д-р Џесика Штајер која е експерт за јавно здравје, и д-р Андреа Лав, имунолог. Нивниот подкаст е посветен на објективно, критичко претставување на достапните докази за теми од областа на здравјето. Во нивната неодамнешна објава на тема вакцинирање и вакцинација тие ги сумираат податоците од досегашните истражувања за вакцините против ковид-19 и ги ставаат наспроти податоците добиени од здравствените системи ширум светот за последиците од ковид-19.
Податоците продолжуваат да ги истакнуваат придобивките од вакцинацијата. Вакцинирањето, заедно со другите едноставни стратегии за сузбивање, е најдобриот начин да се заштитите себеси и оние кои ги сакате од ковид-19.
Сепак, многумина забораваат дека ковид-19, покрај самата болест, исто така може да придонесе за зголемување на ризикот од други компликации и медицински проблеми (по прележување, заб.).
Една неодамнешна студија објавена во New England Journal of Medicine успеа да го измери апсолутниот ризик од различни негативни настани кај луѓе кои прележале ковид-19, како и кај луѓе кои биле вакцинирани против ковид-19. Контрастот е мошне очигледен. Податоците за обработка опфатиле 2,4 милиони вакцинирани лица со цел да го проценат безбедносниот профил на вакцината од Фајзер/Бионтек (BNT162b2 mRNA Covid-19) и повеќе од 240 илјади луѓе кои биле инфицирано SARS-CoV-2.
Несакани последици: ковид-19 наспроти вакцини
Дури и кога се споредуваат несаканите настани што се случиле по вакцинацијата, како што се миокардитис и перикардитис, апсолутниот ризик од тие состојби е сепак далеку поголем за оние кои прележале ковид -19 отколку за вакцинираните. Главна состојба којашто била поприсутна кај вакцинираните лица била лимфаденопатија, што претставува отекување на лимфните јазли. Се работи за лесна (привремена) состојба којашто била забележана и при клиничките испитувања, а е показател дека имунолошкиот систем реагира на нешто – во случајов, на вакцинацијата, за да се развие заштита од идни болести.
Настрана од несаканите состојби презентирани тука, знаеме дека ризикот од смрт е астрономски поголем – досега имало преку 4,5 МИЛИОНИ смртни случаи поради ковид-19 на глобално ниво. Тоа очебијно не е случај со вакцинацијата. Ако се инфицирате со SARS-CoV-2, исто така ги ставате и вашето семејство, пријателите и членовите на заедницата во ризична ситуација (да заболат) – додека вакцината го штити вашето семејство од најлошото.
Изборот отсекогаш бил јасен, но овие податоци го бетoнираат аргументот. Негативната разлика во ризикот (risk difference – RD) којашто се појавува на графикот е едноставно намален ризик. Позитивната ведност претставува зголемен ризик. Во формулата за пресметка има разлика меѓу две величини, па некогаш се добиваат негативни вредности.