Вчера Швајцарските истражувачи објавија дека ја пресметале математичката константа π (пи) до ново светско рекордно ниво на точност. Користејќи суперкомпјутер, тие успеале да ја пресметаат вредноста до 62,8 трилионитата децимала!
Според соопштението објавено од страна на Универзитетот за применети науки Граубуенден, пресметката направена со помош на суперкомпјутерот траела точно 108 дена и девет часа.
Според Центарот за анализа на податоци, визуелизација и симулација на универзитетот пресметката била направена за двојно побрзо време од она што му било потребно на еден од претходните рекордри – Google, кој во 2019 година ги правеше калкулациите користејќи го неговиот облак. Инаку, времетраењето на пресметките било 3,5 пати побрзо и од она на досегашниот светски рекорд од 2020 година.
Истражувачите очекуваат Гинисовата книга на рекорди да го потврди нивниот подвиг, а дотогаш ги откриваат само последните десет цифри од пресметката за π – 7817924264.
Претходниот светски рекордер во пресметка на π, успеа да пресмета 50 трилиони бројки зад децималната запирка.
Колку за потсетување, бројот π го претставува односот на обемот на кругот со неговиот дијаметар. По пресметката на соодносот, зад децималната запирка се добива ред со бесконечен број цифри. Веројатно и нема човек што не ја познава вредноста на најпопуларната апроксимација π = 3,14, а ‘поситничавите’ можеби ја знаат и со првите 10 бројки зад децималната запирка – 3,141592653.
Како и да е, истражувачите продолжуваат со допрецизирање на пресметките за константата користејќи се помоќни и помоќни компјутери.
Од швајцарскиот тим изјавиле дека искуството стекнато при пресметување на π може да најде примена и во други области како “кај анализи на РНК, при симулации на динамиката на течности и во текстуалната анализа“.