Google повеќе нема да дозволува таргетирано рекламирање според возраста, полот или интересот на децата. Како што објваи компанијата ова ќе биде само една од серијата мерки за заштита на децата под 18 години кои ги користат услугите на Google. Друга новина е новата опција за секој на возраст под 18 години – тие, нивните родители или старатели ќе можат да побараат да се отстранат нивните слики од резултатите при пребарувањето слики на Google.
Промените се слични на оние што ги воведе Фејсбук минатиот месец, кога беше објавено дека сметките на лицата помлади од 16 години на Инстаграм стандардно ќе бидат приватни, што значи дека за овие профили да станат јавно достапни корисниците мора да ја изберат соодветната опција дополнително. Фејсбук, исто така, воведе и ограничувања за огласувачите со тоа што им забрани да ги таргетираат интересите или активностите на децата во апликациите на Фејсбук или во другите апликации коишто споделуваат информации со компанијата, иако на огласувачите сè уште им е дозволено да им прикажуваат реклами на децата соодветно на нивната возраст, пол и локација.
Од Google велат дека промените се прават поради воведување на нови регулативи во некои земји. Но промените ќе важат за сите поради тоа што компанијата сака да им понуди на сите корисници исто искуство и иста корисничка контрола на глобално ниво. Како што предупредуваат од Google, барањето за отстранување слики од пребарувањето на Google нема целосно да ги отстрани сликите од вебот, но треба да им даде на корисниците поголема контрола врз достапноста на нивните слики во Интернет просторот.
Google најави и повеќе други промени во своите услуги за деца. Безбедното пребарување сега ќе биде стандардно овозможено за сите корисници помлади од 18 години, додека претходно стандардно беше овозможено само за корисници на возраст под 13 години. Оваа функција, која го блокира изгледот на експлицитна содржина во пребарувањето, ќе биде иста и за веб-прелистувачот на Google на паметните телефони. Корисниците помлади од 18 години, исто така, повеќе нема да можат да ја вклучуваат и Историјата на локации во поставките на нивната сметка на Google. Впрочем, од Google објавија дека поставката е веќе исклучена стандардно за сите сметки. На паметните уреди со вклучен “Помошник” ќе можe да се блокираат вести, подкасти и пристап до вебот во наредните месеци.
На YouTube, автоматската репродукција е стандардно исклучена за деца под 18 -годишна возраст и вклучува потсетници за пауза. YouTube Kids добива нова опција за автоматска репродукција, но истовремено во преднагодување оваа опција ќе биде исклучена.
Опцијата за барање отстранување слики од Google Image Search, како и промените во стандардните поставки за приватност на видеата на YouTube, ќе настапат во следните неколки недели. Во наредните месеци се очекуваат нови ограничувања за целното рекламирање, промени во SafeSearch и кај алатките за блокирање содржини на паметните телефони со помош на Google Assistant.