Рубрика: Медицина
Пандемиска продолжена викенд анализа 2.8.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 03.08.2021 - 11:30

Ефективниот репродукциски број Rt, мерилото на преносливоста на вирусот и забрзувањето на дневните бројки, наместо после почетниот раст и врвот пред три недели да започне да се намалува, продолжува да искачува. Тој раст се забележува во сите временски рамки, а на првиот дијаграм го гледаме со 15-дневно усреднување (кај 7-дневното е уште поголем, неделава изнесува дури 1,95).

Како што се запишуваат нови градови на листата градови со нови случаи, така расте и преносливоста. Во Битола е особено изразено забрзувањето на растот, најверојатно поради фестивалот „Илинденски денови“ и масовните концерти и кафеански забави изминатите 2-3 недели. Тетовци први стартуваа, исто како и лани, но тоа како да им помогна да го намалат бројот на случаи во есенските и пролетните месеци. Сепак, нема оправдување за неконтролираното однесување, затоа што придонесува на страдањето на недолжни луѓе.

Започнувам да се плашам дали и колку ќе ни помогне досегашната прележаност, да објаснам за ова накратко. Имено, во јуни практично достигнавме колективен имунитет против Алфа сојот при неговата преносливот во летни услови. Репродукцискиот број тогаш опадна на просечно 0,75. Ако британските научници процениле дека преносливоста на Делта сојот е за 40% - 90% повисока ceteris paribus (при сите останати фактори непроменливи), репродукцискиот број кај нас би требало да биде сега од 1 до 1,4, но тој е прилично повисок, од 1,7 до 1,9. Вакцинирани немаме многу (иако сега веќе гледаме дека заштитата од заразување е многу поскромна отколку што очекувавме во случајот на Делта сојот), па останува да се запрашаме што е со заштитата од прележувањето. Многу би ни значело доколку МЗ објави податок колкав е процентот на реинфицирани (иако тој ќе расте), како и просечното време од првата инфекција кај тие случаи.

Од населението не може да се очекува некакво повнимателно однесување, но непреземањето мерки од страна на властите покажува дека се решени да продолжат со старата и испробана тактика: премолчено да се дозволува неконтролирано заразување (патем и умирање), само за да се помине што побргу од редот и да се достигне колективен имунитет од прележување. Ако стане критично во болниците, ќе е воведат некакви благи полумерки, повеќе колку да се каже дека нешто се прави. Ќе видиме како ќе се заврши ова на крајот, доколку навистина има реинфекции, а не знаеме ни каков ќе биде исходот кај реинфицираните (иако, теоретски, би требало да поминат многу полесно). Ако не се во прашање реинфекции, тогаш се работи за голема преносливост поради екстремно невнимание и негрижа.

Инаку, вчера беше поставен нов рекорд во дневниот број на тестирања, дури 5759 (жолтата линија на вториот дијаграм). Се приближивме на кратко до европските стандарди за тестирањата од 300 тестови на 100 000 жители дневно. Да видиме дали овој тренд ќе потрае, бидејќи веќе десетици прватни лаборатории работаат антигенски тестови, покрај ПЦР тестовите во државните и поопремените приватни лаборатории. Можеби вчерашниот ден бил само исклучок, за да обезбедат „тазе“ тестово многубројните викендаши и летувалци за Грција. Во секој случај, при толку висок број тестови стапкаа на позитивни тестови не е многу висока, што ќе ја собори и стапката на леталитет во иднина (но не и на морталитет!). При се повисоки броеви на новодијагностицирани, дури и со оптимистичка стапка на леталитет од само 2% (досега беше 3,52%), во наредните денови математичкиот модел предвидува пораст на бројот на смртни случаи (црвените прачки на дијаграмот на третата слика, долу десно). Бројките ќе бидат од почеток мали, но полека ќе растат.

На крај, само една илустрација за тие што не се начисто дал сме или не сме во нов бран. На четвртата слика го гледаме фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи), којшто недвосмислено покажуа дека новиот бран започнал уште околу случајот број 155 800, што календарски одговара на 10 јули. Овој дијаграм е природно измазнет, без никакви усреднувања, и кривата искачува секогаш кога во просек дневниот број на нови случаи е поголем од дневниот просек на затворени случаи, односно кога расте бројот на активни случаи. Оној забецот на дијаграмот околу случајот 155 900 се појавил поради човечка интервенција, односно наглото затворање на заборавени отворени случаи, инаку тенденцијата е јасна и нагорна. Една точка претставува еден ден (значи времето не го гледаме тука директно на хоризонталната оска), па како што се зголемува дневниот број на случаи, така сините точки ќе бидат се поодалечени - епидемијата ќе чекори со се поголеми чекори.

Клучни зборови: