Рубрика: Физика
Студенти по физика направија научен труд од нивниот бруцошки проект
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.07.2021 - 13:30

Двајца студенти по физика, користејќи вистински податоци од мисијата Касини, го претворија својот проект од прва година во рецензиран научен труд. Зеки Жанг (Zeqi Zhang) и Ксини Ву (Xinni Wu), заедно со нивниот ментор, д-р Равиндра Десаи и д-р Чарлс Луе од Шведскиот институт за вселенска физика, ја објавија својата студија во списанието The Planetary Science Journal.

Кога им била дадена можноста да изберат од понудата еден проект што ќе го изработат како нивен прв годишен проект на штотуку запишаните додипломски студии, Зеки и Ксини се решиле да земат вистински податоци собрани од вселенското летало Касини додека тоа леташе покрај Сатурновата месечина Енцелад.

Тие ги истражувале молекулите од материјалот од океаните кои се наоѓаат под ледената кора на оваа месечина, кој бил исфрлен како млаз од пукотините во мразот. Притоа пресметале колку време тие опстојуваат пред да бидат уништени од честичките од Сонцето.

Д-р Десаи бил толку импресиониран од нивниот увид и од тоа како студентите ги прошириле истражувањата со пресметки за судбината на молекулите во рамките на целиот Сончев систем, што тој им препорачал да го преработат нивниот проект во научен труд и да се обидат да го објават.

На студентите не им се верувало дека наскоро нивните имиња ќе се најдат во потпис на еден вистински веродостоен научен труд. Ксини Ву изјавил: “Сè изгледаше надреално, бидејќи читавме и правевме референци кон многу трудови, но за првпат нашите имиња ќе стојат зад вистински труд, наместо на лабораториски извештај. Чувството е уште подобро кога ќе помислиме дека она што го остваривме може да помогне на многу други истражувачи во иднина. “

Тимот работеше напорно во текот на три години, и денес Зеки и Ксини се подготвуваат да дипломираат со магистратура од областа на физиката, а нивниот труд е веќе објавен.

Клучни зборови: