Рубрика: Архитектура и градежништво
Во Амстердам поставен првиот 3D-печатен мост од нерѓосувачки челик
Автори: Ива Зафировска, Невенка Стојановска
Објавено на 21.07.2021 - 17:15

Свеченото пуштање во употреба на мостот

По шест години од почетокот на проектот, минатата недела во Амстердам во областа Де Вален,  позната и како област на Црвените фенери, над еден од најстарите канали беше поставен првиот 3D печатен мост од челик. Пешачкиот мост е дизајниран од холандскиот архитект Јорис Ларман, а изработен е од страна на техничката стартап-компанија MX3D.

MX3D и архитектот Јорис Лаарман соработувале со мноштво дизајнери и тимови кои се бават со 3D-печат на објекти, со цел да развијат мост што ќе ги комбинира традиционалните челични конструкции со компјутерскиот дизајн.

За конструкцијата на мостот долг нешто повеќе од 12 метри, MX3D користеше едноставни, технички роботи со наменски алатки развиени од нивните инженери. Техниката за печатење е следна: како материјал (тонер :) ) во печатењето се користат шипки од нерѓосувачки челик, којшто MX3D-Metal роботите  го топат и со роботската заварувачка рака поставуваат капка од стопен метал, а потоа откако таа ќе се стврдне одозгора додаваат/лепат уште една капка, па уште една, па уште една..., продолжувајќи го процесот сè дури не се создаде, односно испечати цела метална колона. Со контролирање на точката во просторот во којашто се прават ‘заварувањата’, можно е да се контролира ориентацијата на колоните, дури и да се изведе нивно меѓусебно преплетување. Притоа не се потребни придружни материјали, а техниката овозможува создавање на прилично големи и цврсти структури.

За 3Д печатот беа искористени вкупно 4 500 килограми нерѓосувачки челик, од којшто роботите го обликуваа мостот во форма на буквата S и балустрадите со перфорации во решеткаст стил.

Од MX3D истакнуваат дека бил применет „единствен пристап којшто овозможува 3D печатење на силни, сложени и грациозни метални конструкции. Целта на проектот MX3D Bridge е да се прикаже потенцијалната примена на технологијата за 3D-печатење со повеќе оски“.

Покрај изработката со 3Д печат, мостот е единствен уште по една работа – целиот е послан со низа сензори кои ќе дадат увид во начинот на којшто тој се користи, интензитетот на користење и абењето на материјалот со текот на времето.

Самото печатење на мостот, кое траело 6 месеци, се одвиваше на друга локација, а по низа структурни проверки мостот беше донесен и поставен со кран врз каналот Оудезијдс Ахтербургвал минатата недела. Во употреба беше пуштен лично од холандската кралица Максима која ја имаше честта прва да прошета низ новоотворениот мост.

Клучни зборови:
Свеченото пуштање во употреба на мостот

Свеченото пуштање во употреба на мостот

Роботите го печатат мостот во просториите на MX3D

Роботите го печатат мостот во просториите на MX3D

Проверка и последни зафати пред поставување

Проверка и последни зафати пред поставување

Поставување на 3D печатениот мост над амстердамскиот канал

Поставување на 3D печатениот мост над амстердамскиот канал

Свеченото пуштање во употреба на мостот

Свеченото пуштање во употреба на мостот