Супер Марио стана првата игра што некогаш била продадена за повеќе од еден милион долари!
Познатата видеоигра „Супер Марио“ за конзолата Nintendo 64 викендов беше продадена на аукција по цена од 1,56 милиони долари, што е нов рекорд за една игра, објави американската аукциска куќа Heritage Auctions.
“Тоа е првата игра којашто некогаш е продадена на аукција за повеќе од милион долари“, изјавил Ерик Бредли, портпарол на аукциската куќа со седиште во Далас.
Ова е втора голема продажба на една видеоигра за Heritage Auctions во само неколку дена. Имено, во петокот беше поставен првиот рекорд кога играта The Legend of Zelda наменета за конзолата Nintendo NES беше купена за фантастични 870 000 американски долари.
Играта Super Mario 64 се појави на пазарот во 1996 година и е позната по тоа што за првпат користи 3D графика, додуша мошне рудиментирана. Како што понатаму информираше Ерик Бредли во врска со продадената видеоигра, се работи за единствената позната копија на видеоиграта која добила оценка 9,8 А ++ од компанија специјализирана за видеоигри, додавајќи дека тоа е највисоката оценка што може да ја добие една ретро игра.
Интересот на колекционерите за класични игри масовно расте последниве неколку години. Во таа насока не чуди што во последниве 12 месеци цената на колекционерските примероци на ретро игри порасна повеќекратно. Лани на 10 јули примерок од Super Mario Bros. се продаде по цена од 114 000 американски долари. Потоа во ноември минатата година, поточно на 23-ти, примерок од Super Mario Bros. 3 беше продаден за 156 000 долари. Колку да не помислиме дека се работи за шега, на 2-ри април оваа година примерок од Super Mario Bros од 1986 година наменета за конзолата Nintendo NES од 1986 година беше продаден за 660 000 американски долари. А како што веќе споменавме, во петокот, на 9 јули, беше продаден примерок од The Legend of Zelda за 870 000 долари. За конечно, вчера, Super Mario 64 да ја постигне фантастичната цена од нешто повеќе од милион и пол американски долари.
Но не расте само цената на ретро видеоигрите. Како што јавува понатаму Вајард во пораст е и цената на Покемон картите, поради што од eBay најавиле и апликација којашто ќе овозможи нивно полесно скенирање. Но, од друга страна бил забележан пад на еден друг вид дигитални колекционерски “предмети”, таканаречените NFT – Non-fungible token (повеќе за нив тука).
Па, прочепкајте низ дома што сè имате и проверете ги цените за вашите некогаш омилени занимации барем на eBay. Можеби некаде низ вашите ИТ-старудии сместени по визбите и таваните се крие вистинско богатство.