Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 9.7.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 09.07.2021 - 09:45

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на антропологот Франц Боас и ја одбележуваме годишнината од смртта на италијанскиот хемичар Амадео Авогадро. Исто така се сеќаваме на научно-фантастичниот филм Трон којшто воведе нови стандарди за употребата на компјутерската графика во доменот на филмот

 

9.7.1856 – Починал Амедео Авогадро, италијански хемичар

Амедео Авогадро (Lorenzo Romano Amedeo Carlo Avogadro) е роден во Торино, во благородничко семејство од Кралството Сардинија (сега дел од Италија), на 9 август во 1776 година. Бил италијански научник, најпознат по својот придонес во молекуларната теорија,сега познат како Авогадров закон, во кој се вели дека еднакви количини гасови, под исти услови на температура и притисок, ќе содржат еднаков број молекули. Во негова чест , бројот на елементарни ентитети (атоми, молекули, јони или други честички) во 1 mol од супстанца е познат како Авогадров број односноАвогадрова константа. Авогадровиот број, којшто изнесува 6,02214076 × 1023, е една од основните седум SI единици и се означува со NA.

Дипломирал црковно право кон крајот на 20-тата година и ја започнал неговата пракса. Но, набргу потоа се посветил на физиката и математиката, во тоа време нарекувана позитивна философија. Во 1809 година започнал да ги предава овие предмети во средното училиште во Верчели кадешто живеело неговото семејство. Во 1811 година, го објавил написот со наслов “Есеј за начинот на одредување на релативните маси на елементарните молекули на тела и пропорциите со кои тие влегуваат во овие комбинации”, во којшто биле изложени неговите хипотези.

Во 1820 година станал професор по физика на Универзитетот во Торино, во тоа време главен град на обновеното Кралство Сардинија.

Од март 1821 година Авогадро бил активен во револуционерното движење. Како резултат на тоа во 1823 година ја загубил катедрата или, како што официјално се изјаснил универзитетот, “беше големо задоволство да му се дозволи на овој интересен научник да се одмори од тешките наставни должности, за да може да посвети поголемо внимание на неговите истражувања". По 10 години, во 1833 година, Авогадро повторно ќе се врати на универзитетот во Торино кадешто ќр предава во следните дваесет години. Малку е познато за приватниот живот на Авгоадро, кој се чини дека бил трезвен и религиозен. Бил на работни места кои се занимавале со статистика, метрологија и тежини и мерки. Го вовел метричкиот систем во Пиемонт и бил член на Врховниот совет на Кралството заЈавни набавки.

Починал на 9 јули 1856 година. (Р. М.)

 

9.7.1982 – Почна да се прикажува филмот Трон

Филомот Трон на Walt Disney Productions е првиот мејнстрим филм кој користи обемна компјутерски генерирана графика и специјални ефекти. Филмот ја следи приказната на компјутерскиот хакер Кевин Флин, портретиран од Џеф Бриџис, којшто се обидува да ја открие измамата во една моќна софтверска корпорација. Флин е киднапиран и пренесен во дигиталниот свет, каде ќе биде приморан да учествува во гладијаторски игри. Неговата единствена надеж за бегство назад во реалниот свет е помошта којашто ја добива од херојската безбедносна програма Јори (Синди Морган).

Поради мноштвото специјални ефекти Дизни се реши да го снима поголемиот дел од филмот на 65mm Super Panavision, сем компјутерски генерираните слоеви кои се снимани со VistaVision. На градењето на дигиталниот свет работеле тројца дизајнери. Жан Жиро (Jean Giraud), познат какоMoebious цртачот на Хеви Метал (во оригинал Arzach) бил главен дизајнер на сетот и на костумите за филмот. Дизајнот на превозните средства му бил препуштен на индустрискиот дизајнер Сид Мид (Syd Mead) кој истата таа 82 година ќе работи на култниот Блејд Ранер. Дизајнот на опкружувањето му бил препуштен на Питер Лојд (Peter Lloyd), кој во тоа време е познат илустратор и има изработено низа дизајни за магазините National Geographic, NFL, но и Playboy и Esquire.

За изработка на секвенците со компјутерска анимација Дизни соработувал со четирите најголеми фирми за компјутерскa графика од тоа време Information International Inc, MAGI, Robert Abel and Associates и Digital Effects. Интересно е што компаниите не соработувале межусебно па ако внимателно се гледа забележлива е употребата на различни стилови на компјутерска графика во филмот.

Масивната употреба на компјутерска графика (применета со вкус, се разбира) го прави филмот Трон битен момент од каде специјалните ефекти и графиката ќе се применуваат на сосема ново ниво и со сосема друг квалитет во филмската уметност. (И. З. /Н. С)

 

9.7.1858 – Роден Франц Боас, антрополог

Франц Боас (Franz Uri Boas, 1858 – 1942) е еден од пионерите на современтата американска антропологија, а честопати е нарекуван и татко на американската антропологија. Како и многу други зачетници Боас се образувал во повеќе научни дисциплини.

Боас го одбранил докторатот по физика на Универзитетот Кил во 1881 година, но бил незадоволен од неговата дисертација. Се заинтересирал за мислата на Кант, па затоа присуствувал на предавањата за естетиката во Хајделберг, додека во Бон слушал предавања за филозофијата на Кант. Овој интерес го насочил кон занимавање со психофизика – дисциплина која се бави со психолошките и епистемолошките проблеми во физиката, по што се сели во Берлин за да учи од Херман фон Хелмхолц.

Боас започнал да ја проучува географијата сосема случајно, користејќи ја како средство за продлабочување на неговиот растечки интерес за односот помеѓу субјективното искуство и објективниот свет. Во тоа време, германските географи биле поделени во врска со причините за културната варијација. Многумина тврдат дека физичкото опкружување било одлучувачки фактор, додека други тврдат дека распространувањето (дифузијата) на идеи преку миграцијата на луѓето игра позначајна улога. Во 1883 година, Боас се упатил кон островот Бафин, Канада, за да спроведе географска студија за влијанието на физичкото опкружување врз миграцијата на домороднот Инуитско население. По враќањето во Берлин, во 1886 година, со поддршка на Хелмхолц успешно ја одбранил својата теза за хабилитација ”Островот Бафин”, стекнувајќи се со звањето на приватeн доцент по географија.

За време на престојот на островот Бафин, Боас се заинтересирал за проучување на незападните култури. Во 1885 година тој започнал со истражувања во областа на физичката антропологија и етнологијата на Кралскиот етнолошки музеј во Берлин. За време на престојот во овој музеј, Боас се заинтересирал за домородните Американци во пацифичкиот северозападен дел од Америка. Кога во јануари 1887 година му била понудена работа како помошник уредник во списанието Science во Њујорк, тој решил да остане во Америка. Неколку години подоцна, Боас беше назначен за главен асистент за антропологија на Светската изложба одржана во 1893 година во Чикаго.

Некои научници, како Алфред Кребер, верувале дека Боас го користел своето искуство од физиката како модел за работа во антропологијата. Но други истакнале дека Боас експлицитно ја отфрлил физиката во корист на историјата, како модел за неговото антрополошко истражување.

Поделбата помеѓу науката и историјата ги има своите корени во германските академски кругови од 19 век, што направи разлика помеѓу природните науки и. хуманистичките научни дисциплини. Оваа поделба ја утврдиле кантовските философи. Но, како одговор на ова еден истакнат германски философ од времето на просветителството, Хердер ќе каже дека човековата активност е подеднакво важна како и човечката причина.

Во 1795 година, познатиот истражувач и натуралист, Вилхелм фон Хумболт, повика на воспоставување на антропологијата како дисциплина што ќе ги синтетизира интересите на Кант и Хердер. Хумболт го основал Универзитетот во Берлин, во 1809 година, а неговата работа од областа на географијата, историјата и психологијата служела како интелектуална ориентација за самиот Боас и за неговиот емпиризам.

Во 1949 година, еден од учениците на Боас, Алфред Кребер, ги сумираше принципите на емпиризмот што ја дефинираат антропологијата на Боас како наука:

• Научниот метод значи најнапред да поставувате прашања, не одговори, а најмалку значи давање на вредносни судови.

• Науката претставува непристрасно истражување, па затоа не може да прифати какви било буквални идеологии кои се “веќе формулирани во секојдневниот живот“, бидејќи таквите идеологии се во себе неизбежно традиционални и затоа, природно, расипани од емоционалната предрасуда.

• Црно-белиот погледи, како “сè или ништо“, се карактеристики на тоталитаристичките ставови и немаат место во науката, којашто има инференцијална природа и се заснова врз докази и рационално расудување. (Н. С.)

Клучни зборови:
Амедео Авогадро

Амедео Авогадро

Амедео Авогадро

Амедео Авогадро

Детаљ од постерот за Трон

Детаљ од постерот за Трон

Сцена од Трон

Сцена од Трон

Сцена од Трон

Сцена од Трон

Сцена од Трон

Сцена од Трон

Франц Боас

Франц Боас

Франц Боас

Франц Боас