Рубрика: Индустриски дизајн
Автономен велосипед со систем за автоматска баланс контрола
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 28.06.2021 - 12:30

Концепт системите за автономни возила секојдневно напредуваат, па не е воопшто за чудење што сега, благодарение на работата на инженерите од Хуавеи, го имаме и првиот “самовозечки точак” што може да се движи самостојно, без возач.

Велосипедот којшто беше неодамна претставен може да стои самостојно, одржувајќи рамнотежа дури и на најтенките површини. Покрај ова тој вклучува и низа низа импресивни карактеристики – сензори со висока прецизност, камери за препознавање слики и ВИ  технологија којашто му овозможува да вози автономно.

Еден од инженерите дошол до идеја за изработка на автономен велосипед откако бил повреден при велосипедска несреќа. Самовозечкиот велосипед е опремен со систем за автоматско управување поддржан со мрежа од сензори за перцепција и доволно моќен процесорски чип. Инженерите морале да применат и збир од алгоритми за перцепција и за управување засновани на претходно изработен хардвер.

За почеток развојните инженери моделирале виртуелен велосипед во CAD програма, додавајќи му потоа повеќе детали коишто помогнале од него да нааправат автоматско “беспилотно” возило. Инсталирале два големи мотори без четкички и управувачки механизам, а потоа додадоле сензор опремен со RGBD длабинска камера, акцелерометар, жироскоп и лидар.

Велосипедот користи литиумска батерија “позајмена” од модел на авионот 6S. Батеријата овозможува возење од околу 2-3 часа, а главниот пресметковен модул за управување е сместен непосредно под седиштето, над задното тркало. За да се овозможи самостоен баланс на велосипедот, тимот употребил контролен модул којшто го користи моментот на ротација на дискот, систем што се применува и кај вештачките сателити. Малиот сензор со висока прецизност го детектира навалувањето и ги испраќа податоците до модулот за контрола на позицијата на точакот, што овозможува тој да стои самостојно. Освен тоа, инженерите инсталирале систем којшто го ротира задното тркало директно со мотор, без употреба на педали.

Компјутерската единица на велосипедот го користи чипот Huawei ascend 310 како процесор за ВИ, како и компаниската услуга за усогласување на работата на апликациите.

Со помош на ВИ технологијата и роботските функции, „мозокот“ на велосипедот е способен за перцептивно размислување и за донесување одлуки. Со цел да го проценат и подобрат алгоритамот за контрола на велосипедот, инженерите го тестирале возилото во виртуелна физичка средина пред да извршат конечна проценка во реалниот свет. Благодарение на алгоритмите и дизајнот, велосипедот го поминал возачкиот тест на автопилотот, докажувајќи дека е независен, стабилен и во целосна рамнотежа.

Клучни зборови: