Како што пренесе Гизмодо, повеќе шпански портали јавиле дека Џон Мекафи, творецот на популарната антивирусна програма McAfee, починал во неговата затворска ќелија во Барселона. Според Ел Мундо Мекафи бил пронајден неподвижен во неговата ќелијата, а обидите за негова реанимација биле неуспешни. Веста ја потврдил и Ројтерс со објавување на изјава од каталонските правосудни органи. Според Гизмодо не се исклучува можноста дека се работи за самоубиство.
Во вторникот шпанскиот суд го одобри барањето за екстрадиција на Мекафи во САД, кадешто има обвинување за прикривање на данокот. Мекафи беше уапсен во Шпанија минатата година во октомври по меѓународна потерница распишана од САД со обвинение за неподнесување на даночна пријава за периодот од 2014 до 2018 година. Според американските правосудни органи Мекафи во овој период заработил милиони американски долари со “промоција на криптовалути, консултантски услуги, одржување платени предавања и со продажба на правата за филмување на неговата животна приказна во документарец”.
Мекафи бил и под истрага поради тоа што, заедно со соучесник, промовирал повеќе криптовалути на неговите следбеници на социјалните мрежи без притоа да ги информира дека бил платен за неговата препорака. Според истражните органи оваа измама му донела на Мекафи околу 23 милиони американски долари.
Откако стана едно од најпознатите антивирусни решенија, Мекафи ја напушти неговата софтверска компанија и започна низа стартап компании. Но, во 2012 светот го обиколија непријатни вести за овој ексцентричен претприемач – полицијата на Белизе, каде тој живеел во тоа време, го бара за сослушување во врска со убиството на еден од неговите соседи. Потоа ќе биде откриен во Гватемала од каде ќе биде депортиран во САД.
Од тогаш Мекафи ќе стане познат и по повеќе бизарни тврдења и потфати, меѓу другото во 2016 година тој ќе ја најави неговата кандидатура за претседател на САД под покровителство на Либертаријанската партија. Но, поголемиот дел од времето во последниве години тој ќе ги помине со активно присуство на социјалните медиуми и во промовирање на разноразни криптовалути.
Мекафи почина на 75 години.