Рубрика: Медицина
Дали конечно имаме објаснување за губењето на меморијата кај Алцхајмерова болест?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.06.2021 - 12:15

Дали губењето на меморијата кај Алцхајмеровата болест можеби е предизвикано од намаленото снабдување со крв во мозочниот регион на хипокампусот?

Едно истражување за протокот на крв во хипокампусот, регион на мозокот којшто се смета за “контролен центар“ на сеќавањата и на учењето, понуди можно објаснување за еден од раните симптоми коишто најчесто се поврзуваат со Алцхајмеровата болест – губењето на меморијата.

Според студијата спроведена од Универзитетот во Сасекс, објавена неодамна во Nature Communications, дури и кај непатолошките состојби, снабдувањето со крв на дел од невроните во хипокампусот би било едвај доволно за одржување во живот на нервните клетки. Па така, при вмешување на кој било друг фактор којшто влијае врз дотокот на крв во оваа област на тој начин што го намалува, овие клетки не добиваат доволно кислород и одумираат.

Научниците ја проучувале циркулацијата на крвта, а со тоа и оксигенацијата во мозокот на глувците, при што користеле симулации за да откријат колку крв стигнува до невроните сместени најдалеку од крвните садови. Анализата покажала дека овие нервни клетки се во несреќна положба да при нормална фукција добиваат “токму колку што треба“ количина кислород – односно, тие опстојуваат на работ од одржливоста, па штом дојде до нарушување на циркулацијата на крвта поради некои други фактори, како што се оние поврзани со болеста, тие престануваат да функционираат.

Во конкретниот случај, невроните во хипокампусот на глувците добивале помалку крв од оние во визуелниот кортекс, област на мозокот во којшто се анализира формата, локацијата и движењето на предметите. Можеби затоа што тие биле помалку ефикасни во процесот контракција-проширување на крвните садови .

Ова можеби е една од причините за амнезија којашто нè тера да се сомневаме во појавата на Алцхајмерова болест.

Како што објаснуваат авторите на студијата, истите фактори што го зголемувааат ризикот од срцев удар, подеднакво го зголемуваат и развојот на деменција. Имено, на нашиот мозок му треба доволно крв за да добие енергија – во форма на кислород и гликоза – што овозможува правилна функција на клетките, но истовремено и за да го отстрани и отпадот од клеточните метаболички процеси. Една од овие материи се, на пример, бета амилоидните протеини, кои се акумулираат кај Алцхајмеровата болест.

Ако се покаже дека овие процеси се одвиваат на ист начин и кај луѓето, и дека подобреното снабдување со крв на хипокампусот го намалува губењето на меморијата кај Алцхајмеровата болест, тогаш би можеле да ги насочиме нашите грижи кон превенција и да ги зголемиме активностите кои ја подобруваат снабденоста со кислородот на мозокот. Ова конкретно би значело зголемување на физичката активност и посветување кон здрава исхрана, којашто, патем е веќе поврзана со намалување на ризикот за развој на деменција.

Научниците се обидуваат да разберат дали нарушените циркулација и оксигенација на хипокампусот се можеби причина за акумулацијата на бета-амилоиден протеин типична за Алцхајмеровата болест. Бројот на лица погодени од оваа форма на деменција е голем. Болеста, освен болните, има големо влијание и ги инволвира и сите во нивното семејството, па може слободно да се каже и дека бројот на луѓе коишто секојдевно се справуваат со Алцхајмеровата болест е уште поголем. Причините за појава на Алцхајмерова болест сè уште се нејасни, а досегашните обиди да се најдат соодветни третмани со лекови не ги дадоа посакуваните резултати.

Клучни зборови: