После пробивањето на нагорната линија на трендот (црвената линија на вториот дијаграм) се чинеше дека ништо не може да го сопре намалувањето на бројот на активни случаи до нула, при минимален раст на вкупниот број на случаи (сината линија на истиот дијаграм). Сепак, темносината линија веројатно тука некаде ќе сопре со намалувањето и кривата извесно време ќе изгледа како замрзната.
Ако го погледнеме истиот тој фазен портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи), но во зголемен размер, на третата слика, забележуваме дека практично повеќе нема намалување на бројот на активни случаи, при бавен раст на бројот на активни случаи. Тоа е темпото на спорадичното заразување, коешто моментално изнесува околу 13 случаи за 14 дена на 100 000 жители. Со истото темпо (како на додавањето нови случаи) се затвораат старите случаи, поради што бројот на активни случаи стагнира. Не се забележува доцнење во затворањето на случаите и моментално просечното време изнесува околу 18 дена, што е во границите на нормалното.
Ефективниот репродукционен број неделава е само минимално под единица, што значи дека имаме проста репродукција, односно приближно константни (во просек) дневни бројки на нови случаи.
Следејќи го бројот на хоспитализираните (жолтата линија на четвртиот дијаграм), забележуваме дека и овој број речиси пристигнал до долното плато, со просечно стотина активно хоспитализирани.
Засега ништо алармантно и сè уште ништо не укажува на зголемување на бројките. Сепак, најдобронамерно би им препорачал на нашите здравствени власти да порачаат ПЦР реагенси за индискиот сој на вирусот SARS Cov2 v. B.1.617 "Delta" (на пример од компанијата Шимидзу или други), бидејќи пристигнуваат информации од светот дека со постоечките реагенси ПЦР тестовите не го детектираат овој подмолен сој. Да биде неволјата уште поголема, Делта сојот директно слегувал во белите дробови и потешко се детектирал со брисеви од назофарингеалната (носно-ждрелната) шуплина, кадешто пократко се задржувал.
Ако е вистина, како што тврдат британските експерти, дека преносливоста на индискиот „Делта“ сој е за 40% - 60% (!) повисока од преносливоста на британскиот „Алфа“ сој, тоа би значело дека неговиот базичен репродукциски број R0 изнесува 5 - 6. Со толку висока преносливост, дури и под најоптимистичка претпоставка дека моменталниот степен на колективен имунитет изнесува околу 60% (за која моите проценки – врз основа на стапката на серопреваленција – кажуваат дека е претерана и не изнесува повеќе од 40%), неминовен е нов бран, сè додека стапката на прележаност не го достигне новото ниво на колективен имунитет од 84% (1-1/R0 = 1 - 1/6 = 84%).
За опасноста од нов бран во Европа предупредува и Светската здравствена организација, а тие проценките не ги даваат туку-така, од ракав. Поради доаѓањето на летото, моменталната преносливост на вирусите во Македонија е прилично намалена, па веројатно нема да видиме брзо ширење на вирусот „Делта“ како во Велика Британија. Меѓутоа, со доаѓањето на есента, особено доколку стапката на вакцинираност остане на овие ниски нивоа, нов бран ќе биде неминовен. Заканата од новиот сој „Делта“ треба да се сфати крајно сериозно, а здравствените власти заедно со населението да побрзаат со процесот на вакцинација ако не сакаат зимава повторно да живееме под рестриктивни мерки. За страдањата и смртните случаи да не зборуваме – доволно е да се потсетиме на сликите од индиските болници.