Ви ја претставуваме спиралната галаксија NGC 691, фотографирана во фантастични детали со помош на широкопојасната камера 3 (Wide Field Camera 3 – WFC3) на Хабл.
Оваа галаксија е член на групата галаксии NGC 691, според којашто е и именувана. Се работи за галаксии гравитациски “спакувани” во група сместена на оддалеченост од околу 120 милиони светлосни години од Земјата.
Небеските објекти од типот на NGC 691 Хабл ги набљудува користејќи низа филтри. Секој од филтрите пропушта само одредени бранови должини од светлината во објективот на WFC3. На добиените слики со филтер потоа им се додава боја. Ова го прават специјалисти кои прават информиран избор за тоа која боја најдобро одговара на брановите должини од светлината на астрономскиот објект што поминува низ одреден филтер.
Со комбинирање на вака обоените фотографии се создава композитна слика којашто е целосно во боја, но бидејќи боите може да се разликуваат од она што човечкото око реално би го гледало, оваа техника е наречена false color. Овој детален процес на false color овозможува неверојатно добар увид во природата и изгледот на овие објекти.
NGC 691