Рубрика: Информатика
Соработка на AMD и Samsung за подобри Exynos чипови за мобилни телефони
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.06.2021 - 13:45

Вчера, на најголемиот настан од областа на информатиката Computex во Тајпеј, беше објавена веста дека компанијата АМД соработува со Самсунг во развојот на новата RDNA 2 графичка технологија наменета за SoC мобилните чиопови Exynos. Крајната цел е да подобрат перформансите на графичките процесори (GPU) во склоп на класичните телефони на Самсунг.

Иако сè уште нема многу детали за самиот чип, ниту пак за останатите производи во коишто оваа технологија ќе биде применета, АМД за чипот збори како за “следната генерација на Exynos SoC”, при што се истакнува дека дополнителни информации за целата работа треба да се очекува од компанијата Самсунг, некаде кон крајот на оваа година. Засега се знае дека графичкиот процесор ќе ја користи RDNA 2 архитектурата на АМД, со што би се подобриле некои од графичките перформанси како што се рендерирањето на светлинските графички прикази (ray tracing) како и променливиот приказ на сенки (variable rate shading). Оттука може да се заклучи дека АМД планира чипот да се вградува во некои од носечките, препознатливи модели на мобилните уреди на Самсунг.

Сè на сè двете компании целат кон забрзување на иновациите во графиката во сегментот на мобилните производи, со што би се добило целокупно подобрување на перформансите на овие уреди. Што се однесува до чиповите Exynos, се работи за процесори коишто Самсунг ‘традиционално’ ги произведува за сопствените мобилни уреди но не се наменети за сите пазари. Имено, во САД и на другите пазари, мобилните телефони од серијата Галакси се испорачуваат со процесорите Snapdragon SoCs од Qualcomm, но во остатокот од светот овие препознатливи производи во своето срце кријат Exynos чипови.

Иако историски се смета дека моделите Exynos имаат послаби перформанси од чиповите од ист ранг на компанијата Qualcomm, Самсунг ненадејно реши на домашен терен, во Јужна Кореа, да ја воведе алтернативата на Snapdragon во нивниот Galaxy S20 модел.

Иако сè уште треба да се видат на дело и утврдат потенцијалните предноси од користењето на процесори од АМД наместо оние на Qualcomm Adreno, најавените подобрени графички можности и употрегата на најновата RDNA 2 архитектура дефинитивно го подигнаа прагот на очекувања во врска со плодовите од оваа соработка.

Клучни зборови: