Во денешниот времеплов славиме 132 години од раѓањето на пионерот на астронаутиката и татко на хеликоптерот – Игор Сикорски. Исто така одбележуваме 44 години од кино премиерата на вселенската опера Војна на ѕвездите и 25 години од првата меѓународна светска веб-конференција...
25.5.1889 – Роден е Игор Сикорски, таткото на хеликоптерот
Игор Сикорски (Igor Sikorsky) е познат украинско-руски и американски пионер на аеронаутиката. Го дизајнирал првиот повеќемоторен воздухоплов во светот и учествувал во развојот на првиот патнички хидроавион, изработен за потребите на компанијата Пан Ам, во 1930 година.
Сикорски има огромни заслуги во развојот на хеликоптерот како воздухоплов. Моделот Sikorsky R-4, развиен од Сикорски е првиот модел на хеликоптер којшто влегол во сериско произведство. Иновацијата на Сикорски, којашто се состои во вметнување на заден ротор којшто овозможува дополнителна контрола на правецот на летот, и денес е составен дел кај најголем дел од хеликоптерите.
Неговата компанија за производство на воздухоплови, Сикорски, основана 1925 година, и денес е еден од најголемите производители на хеликоптери во светот. (Н. С.)
25.5.1977 – “Војна на ѕвездите” почна да се прикажува во кината
Првиот филмуван дел од вселенската опера Војна на ѕвездите (позната како Војна на ѕвездите, епизода 4 – Нова надеж) на Џорџ Лукас почна да се прикажува во кино салите. Филмот означи старт на една од најуспешните и највлијателни франшизи од областа на научната фантастика и вопшто во светот на филмот.
Филмот се снимаше четири години, на локации во Тунис, во Долината на смртта во Калифорнија, како и во студиски простории во Англија. Во првата недела од прикажувањето заработи 3 милиони долари, а до крајот на летото веќе имаше на конто заработка од 100 милиони долари.
Приказната во филмот сместена “многу одамна, во една далечна галаксија” се одвива околу младиот Лук Скајвокер, којшто одненадеж од пустините на галактичката забит ќе се најде во средиштето на меѓупланетарната граѓанска војна каде бунтовниците се борат против авторитарната тиранија на Царството. Филмот ќе освои 6 Оскари и ќе постави нови стандарди во доменот на специјалните аудиовизуелни ефекти. (Н. С.)
25.5.1994 – Прва меѓународна светска веб-конференција
CERN бил домаќин на првата меѓународна конференција на World Wide Web, која траела до 27 мај. На конференцијата, истражувачите се надоврзаа на концептот на Тим Бернерс-Ли за единечно складиште за најразлични информации – дизајн што во голема мера ќе му помогне на неговото истражување во CERN , каде што претходно морал да користи голем број различни програми и локации за да дојде до потребните информации. Додека учесниците ја разбраа корисноста на концептот на Бернерс-Ли и на „Јазикот за обележување на хипертекст“, или HTML, малкумина претпоставуваа колку брзо мрежата ќе се прошири на милиони корисници на глобално ниво. (И. З.)