Рубрика: Медицина
Пандемиска викенд анализа 21.5.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 22.05.2021 - 21:00

Последниве денови забележуваме неочекувано и невообичаено зголемување на бројот на тестирања (жолтата линија на дијаграмот на првата слика). Малку веројатно е дека во оваа завршна фаза на бранот има толку многу лица експонирани на вирусот, со оглед на се помалиот број новозараазени последниве две недели (коишто единствено можат да ја пренесат заразата). Речиси сигурно не се работи ни за контролни тестирања, бидејќи од јули минатата година случаите се затвораат врз основа на изминато време од позитивниот тест. Дали можеби стравот кај луѓето е толку голем, што при секаков ризичен контакт самите се пријавуваат за тестирање (иако алгоритамот на МЗ не дозволува тестирање без контакт со заразен или без покажани симптоми) или луѓето само се тестираат заради патување во странство?

Како и да било, просечната стапка на позитивни тестови најпосле опадна под 3%, што е рекордно ниска стапка од почетокот на епидемијата во Македонија (црвената линија на дијаграмот на првата слика). Истовремено 14-дневната инциденца од 62 новодијагностицирани на 100 000 жители (на вториот дијаграм) не доведува на самата граница помеѓу третиот и вториот (високиот и умерениот) степен на ризик од пренос на заразата, според критериумите на ECDC.

Останува на сила прогнозата за достигнување на спорадично заразување (под 20 нови случаи за 14 дена на 100 000 жители) по 14 дена, односно во првата недела на јуни, кога кривата на 14-дневната инциденца (на вториот дијаграм) би станала практично хоризонтална, минимално над нулата (во дијапазонот помеѓу 10 и 30 на 100 000 жители).

Засега спонтаното стивнување на епидемијата оди очекувано, без пораст на ефективниот репродукциски број Rt којшто се движи помеѓу 0,5 и 0,6, што е сосема доволно. Доколку индиската варијанта на вирусот B.1.517 пристигнала или ќе пристигне во текот на летните месеци, поради намалената преносливост не се очекува некакво избувнување, барем до почетокот на есента.

Од сегашното темпо на згаснување на епидемијата и вредостите на Rt сите епидемиолози воглавно извлекуваат заклучоци дека настапил колективен имунитет од прележување. Врз основа на критериумот за згаснување, зависно од претпоставениот базичен репродукционен број R0 (којшто зависи меѓу другото и од дисциплината на населението), самиот пресметав стапка на прележаност помеѓу 50% и 65%. Меѓутоа, можно е поради настапувањето на летото R0 дополнително да се намалил (привремено, како минатото лето), па да добиваме преоптимистички резултати – како јас така и епидемиолозите.

Но, има една друга пресметка, која ќе ја видиме друг пат, базирана на серопреваленцата на IgG антитела, што се доведува во врска со вистинската стапка на прележаност. Според штурите информации од медиумите, пресметките за прележаноста не се толку оптимистички, односно далеку сме од 60%. Тоа би значело дека бранот пристигнал и спонтано заминал, но дека во некои поповолни услови (на пример на есен или со доаѓањето на некоја нова мутација на вирусот), би можел да стартува нов бран (иако заради прележаноста не би бил толку силен како изминатите бранови).

На крајот, збор-два околу хоспитализацијата и морталитетот. Последниве две недели забележуваме пораст на стапката на хоспитализираност. За разлика од периодот околу врвот, кога оваа стапка драматично се намали поради големиот притисок врз ковид-болниците, сега болните подолго се задржуваат на лекување, што се гледа и од растечката стапка на хоспитализираност на дијаграмот на третата слика. Можно е да се работи и за пролонгирано времетраење на лекувањето (значи задржувањето да било со причина), па оттука и се уште големиот дневен број на починати (на дијаграмот на четвртата слика).

Вакви високи бројки на починати, од релативно мал број на нови случаи пред 10-14 дена, што дава претерано висока седумдневна стапка на леталитет (на петтиот дијаграм) може да има и друго објаснување. Според мислењето на еден доктор епидемиолог можно е да се работи за откривање и пријавување на претходно починати, во домашни услови. Имено, за време на мартовскиот врв на бранот многу лица со позитивни тестови се лекувале и умреле дома, но досега не влегле во статистиката на починати. Подоцна ги пријавиле матичните лекари или поагилните епидемиолози, коишто самите се јавувале и прашувале за состојбата на болните. Не можеме да ја знаеме целата слика на ниво на држава, но ова може да биде едно можно објаснување. Значи, не се работи за задоцнето пријавени смртни случаи од приватните болници, туку случаи што биле заборавени од самиот систем (значи не биле ни намерно криени), па сега се додаваат како што се откриваат. Збирот на смртни случаи е ист, само што можеби не биле евидентирани веднаш по смртниот исход туку сега. Поточно ќе знаеме во јули, по објавувањето на априлскиот билтен на Државниот завод за статистика, анализирајќи ја одвишна смртност која не може да се објасни со просечната смртост од други причини и потврдената смртност од ковид-19. Ако необјаснетата одвишна смртност биде помала отколку во есенскиот бран, тоа би значело дека сега се откривале и пријавувале повеќе заборавени случаи.

Клучни зборови: