Група истражувачи во соработка со неколку институции во Холандија и една во Германија создаде список од 1000 реки низ целиот свет кои придонесуваат за најголемиот дел од пластиката во светските океани. Во трудот објавен оваа недела во списанието Science Advances, групата го опишува нивното истражување на факторите коишто придонесуваа за пластиката да заврши во океанот и на методите што ги користеле за да откријат кои од реките најмногу придонесуваат за зголемувањето на количеството пластика во океаните.
Истражувањето се надоврзува на претходните истражувања кои веќе покажаа дека огромни количини пластика завршуваат во светските океани. Голем број од нив и покажаа какви сè влијанија може да има пластиката врз суштествата што живеат во светските мориња, а особено врз оние изложени на микропластика. Во ова ново истражување научниците истражувачите се обиделе да ги пронајдат главните извори на пластиката во океанот.
Со цел да го откријат патот по којшто пластиката завршува во океанот, истражувачите ги проучиле можните правци на движење и притоа пронашле три главни фактори кои влијаат на придонесот – ветерот и разните форми врнежи што ја придвижуваат пластиката од една кон друга област; начинот на којшто се користи земјиштето и неговите географски карактеристики, поради тоа што различните видови на терен можат да го олеснат движењето на пластиката поттикнато од природните сили; и, конечно, растојанието што пластиката треба да го измине за да стигне до морето.
Било откриено дека главен фактор во веројатноста пластиката да заврши во океанот претставува должината на патот што таа треба да го измине. Пластиката што била користена во близина на океанот, или непосредно до реките што по извесно, кратко растојание се влеваат во океанот, има поголема веројатност да заврши во океанот отколку онаа користена подалеку од брегот.
Истражувачите потоа ги примениле факторите што ги идентификувале како дел од студијата за реките во светот. Забележале дека во претходните истражувања пронашле докази дека повеќето од пластиката која завршила во океанот потекнува од неколку многу големи речни системи. Но, постоеле и докази кои укажуваат дека работите се сепак нешто покомплицирани. Имено, додека ги проучувале илјадниците речни системи, разгледувајќи ги нивните геолошки карактеристики и блискоста до населените места и колкав пат тие требало да изминат од урбаните области пред да стигнат до морето, откриле дека голем дел од пластиката пристигнува во морето и од помалите реки. Тие создале мапа на којашто се прикажани првите 1000 реки кои придонесуваат до 80% од целокупната пластика фрлена во океаните.