Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 6.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.05.2021 - 18:00

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на таткото на психоанализата, Сигмунд Фројд, и на основоположникот на белградската математичка школа, Михајло Петровиќ – Алас. Оддаваме почит кон делото на македонскиот академик, биохемичар и генетичар Георги Ефремов, и одбележуваме 84 години од катастрофата на воздушниот брод Хинденбург...

6.5.1856 – Роден е Зигмунд Фројд

Зигмунд Фројд (1856-1939) е австриски невролог, познат како татко на психоанализата. Со создавањето на психоанализата, како клинички метод за лекување на психопатологијата преку разговор меѓу пациентот и психоаналитичарот, Фројд развива повеќе терапевтски техники, како што се употребата на слободна асоцијација и откриен пренос, коишто имаат централна улога во аналитичкиот процес.

Редефинирањето на сексуалноста и анализата на соништата како потајни желби му овозможиле создавање на модели за клиничка анализа на формирањето симптоми и механизмите на репресија, како и за излагање на неговата теорија за потсвеста како агенс кој влијае на свесните состојби на умот. Фројд го постулира постоењето на либидото, како извор на повторувањето, омразата, агресијата и невротичната вина. Во својата подоцнежна работа, Фројд развива опсежни толкувања и критика на религијата и културата.

Психоанализата останува влијателна алатка во рамките на психотерапијата, во некои области на психијатријата и во општествените науки. (Н. С.)

 

6.5.1868 – Роден е Михајло Петровиќ – Алас, еден од најпознатите српски математичари

Михаило Петровиќ – Алас е српски математичар, професор на универзитетот во Белград, академик на Српската академија на науките и уметностите, и речен рибар, по што го добил својот прекар. Според неговата научна работа и резултати, тој е еден од најголемите српски математичари, единствениот математичар меѓу 100-те најпознати Срби. Бил основач на белградската математичка школа, што резултирало со голем број на ученици кои ја продолжиле неговата работа.

Роден е на 6 мај 1868 година во Белград, како прво од петте деца во црковна фамилија. Во периодот 1878 1885 година се школувал во Првата белградска гимназија. Потоа се запишува на Катедрата за природни науки и математика на Филозофскиот факултет во Белград. Студиите ги завршил во Белград во 1889 година. После тоа, во септември 1889 година, заминал во Париз за понатамошно образование и подготовка за приемен испит на École normale supérieure, која и денес е една од најпрестижните француски школи за високо образование во доменот на науката и е дел од универзитетот Paris Sciences et Lettres. Во 1891 година дипломирал математички науки, а во 1893 година физички науки на универзитетот Сорбона. Како најдобар студент од неговата генерација, присуствувал на прием кај претседателот на Франција во 1893 и 1894 година. Докторирал математички науки на 21 јуни 1894 година на Сорбона. Неговиот докторат бил од областа на диференцијални равенки.

Во 1894 година станал професор по математичка група предмети на Големата школа во Белград. Во тоа време, Алас бил еден од најголемите експерти во светот за диференцијалните равенки. Кога Големата школа прераснала во Универзитет во Белград во 1905 година, Михаило Алас бил меѓу првите осум редовни професори кои го избрале целиот наставен кадар. Предавал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград каде бил декан во 1908/09 година. Во 1897 година станал дописен член на Српската академија на науките и уметностите и дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб. Станал редовен член на САНУ во 1899 година на возраст од 31 година. Објавил голем број откритија, научни дела, учебници и патописи од морските патувања. Добил голем број награди и признанија и бил член на неколку странски научни академии (Прага, Букурешт, Варшава, Краков) и научни друштва. Конструирал хидроинтегратор (аналоген сметач кој решавал две класи на диференцијални равенки) и го освоил златниот медал на Светскиот саем во Париз во 1900 година.

Бил учесник во Балканските и Првата светска војна како офицер, а по војната бил резервен офицер. Се занимавал со криптографија, а неговите системи за криптирање биле користени од војската до Втората светска војна. Во 1941 година тој повторно бил повикан во војска како резервен офицер, заробен од Германците, но по некое време ослободен благодарение на интервенцијата на принцот Караѓорѓевиќ.

Се занимавал со риболов од каде произлегува неговиот прекар Алас. Во 1882 година станал рибарски чирак, во 1888 година рибарски калфа, а во 1895 година положил испит за рибарски мајстор. Учествувал во донесувањето на првиот „Закон за слатководен риболов“ на езерата и реките во Србија во 1898 година. На меѓународната изложба во Торино (1911)  добил златен медал за изложените експонати од рибарство. Рекорден лов имал во 1912 година кога уловил сом од 120 кг. Не бил само љубител, туку и добар познавач на рибарството, па во тоа својство учествувал во преговорите за склучување конвенција за риболов со Романија, како и во преговорите за заштита на риболовот  на Сава, Дунав и Дрина со Австроунгарија.  Бил една од најпопуларните личности на Стар Белград, познат како Мика Алас.

Предавал на многу генерации студенти, сè до неговото пензионирање во 1938 година. Починал на 8 јуни 1943 година во својот дом на Косанчиќев венец во Белград. Погребан е на Новите гробишта во Белград. (Д. М.)

 

6.5.2011 – Почина академик Георги Ефремов, биохемичар-генетичар, редовен професор на Земјоделскиот факултет во Скопје

Роден е во Кратово на 8.12.1932 година. Ги завршил студиите на Ветеринарниот факултет во Загреб во 1956 година. По двегодишна теренска ветеринарна работа, избран е за асистент на предметот „Споредбена анатомија со физиологија на домашните животни“ на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1959). Во 1961-62 година бил на специјализација на Институтот за физиологија и биохемија на Ветеринарниот факултет во Белград, каде што и докторирал (1963). Постдокторските студии ги остварува на Клиниката за интерна медицина при Ветеринарниот факултет во Осло, Норвешка (1963-65) и на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Августа, Џорџија, САД (1968-70). Во 1967 година е избран за доцент по биохемија на Земјоделскиот факултет во Скопје, за вонреден професор во 1973 г., а за редовен професор во 1980 г. Во периодот 1978-79 е редовен професор по биохемија и на Медицинскиот факултет во Августа и помошник директор на Центарот за анемија на српести клетки. Од 1965 до 1980 е научен консултант при Клиниката за детски болести на Медицинскиот факултет во Скопје.

Во 1979 г. е избран како дописен член на МАНУ , а во 1983 г. за редовен. Од 1987 до 1994 г. е раководител на истражувачкиот центар за нови технологии при МАНУ, а од 1994 г. е раководител на Центарот за генетско инженерство и биотехнологија. Основач е и раководител на Националната (од 1970), а потоа на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии (од 1995).

Од март 1991 г. до септември 1992 г. Ефремов е министер за наука во Владата на Република Македонија и в.д. министер за образование (јуни 1991 – февруари 1992). Претседател на МАНУ е во периодот јануари 2000 – јуни 2001, а амбасадор на РМ во Народна Република Кина од април 2002 до ноември 2004.

Други должности што ги извршувал:
- редовен професор на интердисциплинарните студии по Молекуларна биологија и генетско инженерство на УКИМ во Скопје;
- раководител на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии;
- раководител на Меѓународниот информативен центар за абнормални хемоглобини и таласемии;
- визитинг професор во САД, Куба, Либија, Кувајт;
- предавал на постдипломските студии по молекуларна биологија и хематологија на универзитетите во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб;
- бил ментор на повеќе од 40 докторанди и магистранти на универзитетите во Хавана, Софија, Мастрихт, Белград, Загреб, Скопје;
- организатор на пет меѓународни курсеви за едукација на научни кадри за работа со рекомбинантна ДНК технологија и генетско инженерство, на кои учествувале повеќе од 120 млади научници од 23 земји (1991-1999);
- раководел со 30-ина научно-истражувачки проекти, главно финансирани од странство;
- бил член на Њујоршката и Медитеранската академија на науките, Бугарската и Српската академија за медицински науки, Европската и Светската академија на науките и уметностите, Американското друштво за унапредување на науките, Федерацијата на Европските биохемиски друштва, Меѓународното и Американското друштво за хематологија.

Главниот научен интерес на академик Ефремов се биохемијата на протеините и ензимите и примената на генетското инженерство во познавањето на молекуларните основи на вродените моногенски болести. Автор е на повеќе од 450 научни трудови, од кои повеќе од 250 се објавени во меѓународни списанија и е најмногу цитираниот научник од Република Македонија. (Д. М.)

 

6.5.1937 – Се случи катастрофата на LZ 129 Хинденбург

LZ 129 Hindenburg бил еден од водечките германски воздухоплови меѓу двете светски војни, дел од флотата дирижабли од класата Хинденбург и до денес најголем цепелин што некогаш бил конструиран. Бил долг 245 метри и можел да развие максимална брзина од 135 километри на час, односно 126 километри на час при крстарење. Иако конструкторски било планирано да лебди со помош на хелиум, внатрешноста од цепелинот била исполнета со водород поради извозните рестрикции што САД ги вовеле кон нацистичка Германија.

Првиот лет го имал на 4 март 1936 година, а во текот на неговата прва година од трансатлантските летови, овој воздушен брод пренел 1002 патница од Германија до САД и назад.

При неговото второто патување преку Атлантикот за 1937 година, при слетувањето крај Лејкхерст, Њу Џерси, Хинденберг ќе се запали и целосно ќе изгори. Од 97 патници и членови на екипажот, 35 ќе погинат, а со нив ќе погине и еден припадник на земскиот персонал. Пожарот настанал поради атмосферско електрично празнење во близина на истек од водород од дирижаблот. Несреќниот случај бил забележан на филм, но и на фонографски диск.

Катастрофата на Хинденбург го означи крајот на ерата на воздушните бродови. (Н. С.)

Клучни зборови:
Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Михаило Петровиќ Алас

Михаило Петровиќ Алас

Михаило Петровиќ Алас

Михаило Петровиќ Алас

академик Георги Ефремов

академик Георги Ефремов

Цепелинот LZ 129 над Њујорк

Цепелинот LZ 129 над Њујорк

Катастрофата на Хинденбург го означи крајот на ерата на дирижабли

Катастрофата на Хинденбург го означи крајот на ерата на дирижабли