Рубрика: Астрономија и астронаутика
Првиот вселенски екипаж на Blue Origin ќе полета во јули
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.05.2021 - 14:00

Компанијата Блу Ориџин (Blue Origin) за вселенски патувања основана од газдата на Амазон, Џеф Безос, се очекува да го лансира својот прв екипаж во вселената на 20 јули, со помош на ракетата Њу Шепард (New Shepard). Заедно со екипажот едно место стои резервирано за победникот од онлајн аукцијата којашто започна вчера.

Најавеното вселенско патување е планирано да трае вкупно десет минути, при што четири од нив патниците ќе ги поминат над линијата Карман која, како што веќе знаете, ја претставува договорената граница помеѓу вселената и земјината атмосфера.

Суборбиталниот ракетен систем на Блу Ориџин, којшто е планиран за повеќекратно користење слично на ракетите од Спејс Екс (Space X), беше именуван по американскиот астронаут Алан Шепард кој пред точно шеесет години стана првиот американец во вселената. Ракетата Њу Шепард веќе има успешно изведени 15 пробни лансирни тестови без екипаж. Тестовите беа спроведени  во планинискиот регион Гвадалупе во Западен Тексас.

По полетувањето, капсулата која може да носи екипаж од шест члена, се одвојува од бустер-ракетата, а потоа поминува четири минути на надморска височина поголема од  100 километри. За ова време и на оваа височина членовите од екипажот ќе можат да ја искусат бестежинската состојба и да ја забележат закривеноста на Земјата од вселената.

Додека спуштањето на бустер-ракетата се одвива автомастки, потполно автономно, врз подлогата оддалечена нешто помалку од четири километри од местото на лансирање, капсулата е планирано да се спушти назад на Земјата со помош на три големи падобрани, коишто ќе го успорат нејзиниот пад на брзина од околу еден километар во моментот на конечно приземјување.

Што се однесува да онлајн аукцијата за едно од местата за пат во вселената, сите детали може да се најдат на сајтот на компанијата Blue Origin. Аукцијата ќе се одвива во 3 фази, а конечниот победник ќе биде познат на 12 јули. Ако оваа понуда ви се чини интересна и ако, се разбира, сметате дека имате доволно пари за да го исполните вашиот сон за лет во вселената, пријавата за аукцијата може да ја остварите тука. Како што е најавено, парите од онлајн аукцијата ќе се преточат во фондацијата Клуб за иднината (Club for the future) на компанијата Блу Ориџин, наменета за популаризација на науката, техниката, инженерингот и математиката меѓу учениците и студентите, како и поддршка во примената на нивните стекнати знаења и вештини за истражување на вселената. Засега главна активност на фондацијата е испраќање на поштенски картички во вселената со помош на ракетите на Блу Ориџин, како и план за изучување на “вселенски маркетинг”, но да се надеваме дека работите нема да завршат толку плитко. Инаку регуларната цена за станување вселенски турист во капсулата на Блу Ориџин, секако нема да биде приземна, па како и досега ова ќе остане “занимација” за ултрабогатите.

Како што е познато, освен Безос на развојот на вселенскиот суборбитален туризам работи уште еден мултимилионер – британецот Ричард Бренсон. Засега околу 600 луѓе имаат резервирано лет во вселената по цени од 200 до 250 илјади американски долари.

За разлика од нив Елон Маск планира орбитални летови коишто ќе чинат милиони долари и со коишто ќе може да испрати луѓе подалеку во вселената.

Клучни зборови: