Несопирливото намалување, без осцилации и подвраќања, на ефективниот репродукциски број Rt (на првиот дијаграм) се поклопува многу добро со теоретскиот модел за намалување на овој број поради растот на бројот на прележани, односно намалување на бројот на сусептибилни S (чувствителни, непрележани) во вкупната популација N. Тоа е познатата формула Rt=R0*S/N, каде R0 е базичниот репродукциски број.
Во разни сценарија (зависно од мерките на сила) можеме да го претпоставиме R0, па од моменталната вредност на Rt да процениме колкав е уделот на преостанатите сусептибилни во популацијата. На пример, ако претпоставиме дека R0 со сегашните мерки изнесува околу 2,0 (без мерки тој изнесува околу 4,0 за британскиот сој), тогаш од Rt=0,77 наоѓаме дека уделот на сусептибилните (непрележаните) изнесува околу 38%, односно досега прележале и се стекнале со извесен имунитет околу 62% од населението. Поради тоа, нормално, вирусот се потешко пронаоѓа пат до нови жртви, па епидемијата спонтано згаснува. Уште еднаш да подвлечеме, тоа е во рамките на сегашните мерки. Доколку се укинат сите мерки, при R0=4,0 би требало да се разболат и прележат најмалку 75% за да дојде до спонтано замирање на епидемијата.
Во едниот или другиот случај, властите се на добар пат да го довршат тоа што го наумиле – да допуштат доволно голем удел од населението неконтролирано да се зарази и на тој начин да го „решат“ од проблемот. Да го „решат“ на најсуровиот, најнехуманиот , најненаучниот и најпростачкиот начин. При тоа неважна им е цената која ја платиле околу 8 000 починати, а да не зборуваме за уште најмалку 15 000 лица кои преживеале, но самите знаат како поминале во болниците и со којзнае какви последици по здравјето во иднина.
Уште еден индикатор за големата прележаност претставува и ниската стапка на позитивни тестови, поточно нејзината 7-дневна подвижна средина (црвената линија на вториот дијаграм). При се уште прилично високи дневни броеви на тестирани, кои ги претставуваат лицата експонирани на вирусот (жолтата линија на вториот дијаграм), имаме се помал број на новодијагностицирани. Луѓето кои стапиле во ризични контакти, кои многу веројатно го примиле вирусот, на тестовите се покажале негативни, што значи дека многумина биле имуни (прележани) а не го знаеле тоа. Така, малку по малку, се приближуваме до налудничавото сценарио за колективен имунитет со разболување и прележување, којшто досега никаде во светот не бил постигнат. Иако бројките ќе се намалуваат (за околу 50 дена со оваа динамика би требало да дојдеме до спорадично заразување, т.е. под 20 случаи за 14 дена на 100 000 жители), многу веројатно е дека есента ќе ни донесе нов бран на епидемијата. Бразилскиот и бенгалскиот сој до тогаш ќе влезат низ ширум отворените граници и тивко ќе се прошируваат низ популацијата, чекајќи го заладувањето и влегувањето во затворени простории. Знаејќи каква е дисциплината кај населението и неговата (не)заинтересираност за вакцинација, којашто од своја страна не гарантира имунитет од новите соеви, есенскиот бран ќе биде повеќе правило отколку исклучок. Особено загрижува што нашите „мудри“ власти (покрај 200 000 дози „Синофарм“ вакцини) порачале 500 000 дози вакцини „Синовак“ со 60% ефикасност кон заразување (иако нудат практично 100% заштита од смртен случај). Очајот бил толкав, па се одлучиле да земат нешто што никој не зема. Звучи утешително, но од лично искуство можам да посведочам дека ниту едно заразување не е пријатно, дури и ако не се заврши на болница.
Во сенка на опаднувачките бројки на новодијагностицираните, меѓутоа, ни се случува нов врв на смртните случаи (на третиот дијаграм). Овој втор врв не е поради врвот на заразувањето од почетокот на месецот, туку поради наглиот пораст на леталитетот на болеста последниве десетина дена (на четвртиот дијаграм). Наглиот пораст на седумдневната подвижна стапка на леталитет изгледа навистина застрашувачки. Во извесна мерка тоа се должи на тактизирањето со „заборавените“ смртни случаи во некои приватни болници (сега дури властите се плашат да соопштат за кои болници се работи, за да не бидат обвинети дека им го расипуваат бизнисот, иако би требало сите да ја видиме нивната етика), но независно од тоа (дури и во поголема мерка) се случува вистинска експлозија на леталитетот.
Истото го видовме вчера на дијаграмот на леталитетот за Битола, каде нема приватни болници и „заборавени“ смртни случаи. Се работи за истиот сој на вирусот, истите болници, истиот медицински персонал и протоколи за лекување – но сепак забележуваме синхронизиран пораст на леталитетот во сите градови. Единственото логично објаснување го бараме во доаѓањето на жешкиот бран, којшто практично се поклопува со овој несфатливо висок леталитет. Временскте прогнози за наредните денови најавуваат извесно намалување на температурите, што може да значи олеснување и спас за многу тешко болни во болниците.
Инаку, кога сме кај (не)дисциплината на населението, останува да се запрашаме дали сите тие коишто се туркаа по излетничките места и црквите веќе имаат прележано, па се чувствуваат заштитени или мислат дека епидемијата им се случува само на некои други луѓе?