Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 20.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 20.04.2021 - 21:45

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на Џералд Хокинс, астрономот кој прв обезбедил научни докази дека локалитетот на Стоунхенџ претставува праисториска опсерваторија, и на францускиот лекар Филип Пинел, кој ќе воведе револуција во начинот на којшто се третираат менталните болести. Покрај ова се сеќаваме на научните придонеси на Џон Гудрики...

 

20.4.1928 – Роден е Џералд Хокинс

Џералд Стенли Хокинс (Gerald Stanley Hawkins) е британско-американски астроном и математичар, познат по неговите истражувања на полето на археоастрономијата. Имено користејќи компјутерски пресметки тој ќе докаже дека Стоунхенџ е, всушност, праисториска астрономска опсерваторија.

Уште во 18. век Вилијам Стукли (William Stukely) забележал дека структурата од трилитони поставени во прекинат круг и 19 сини камења, има отвор поставен во линија на изгрејсонцето во средината на летото. Хокинс успеал да идентификува вкупно 165 клучни точки коишто ја потенцираат корелацијата помеѓу поставеноста на камењата, и на другите археолошки одлики од неолитскиот комплекс, со позицијата на изгревање и заоѓање на Сонцето и Месечината во текот на 18,6 годишен циклус. Неговите откритија ги објавил најнапред во научното списание Nature, во 1963, во трудот со наслов “Дешифрирање на Стоунхенџ” (Stonehenge Decoded), а потоа и во истоимената книга во 1965 година

Во неговата следна книга “По Стоунхенџ” (Beyond Stonehenge) тој ги истражува и анализира мистериите на Мачу Пичу, Наска линиите, Велигденските Острови и староегипетските храмови на Карнак и Амон-Ра. Во 90-тите години од минатиот век ја истражувал и геометријата на “мистериозните” кругови во житото што се појавиле на некои места во светот.

Починал во 2003 година. (Н. С.)

 

20.4.1745 – Роден е Филип Пинел

Филип Пинел (Philippe Pinel) бил француски лекар, пионер во примената на хуман однос во третирањето на пациентите со ментални болести.

Во 1792 година бил поставен за главен лекар на парискиот санаториум за мажи со  ментални проблеми, Бисетр (Bicêtre). Веднаш по поставувањето тој ја донел првата храбра реформска одлука за ослободување на пациентите од ланците со кои биле врзани, а голем дел од нив биле оковани повеќе од 30-40 години. Имено, практиката за “третирање” на ментално болните налагала ваков третман бидејќи популарно било верувањето дека овие болести всушност се должат на опседнатост од демони.

Пинел меѓу првите ќе ги дефинира менталните болести како резултат на интензивното влијание на големи социјални и психолошки стресови, а во одреден дел, на наследниот фактор или некое физиолошко оштетување.

Во 1794 година кога под негова грижа ќе влезат и пациентките од санаториумот Салпетриер (Salpêtrière), тој исто така ќе нареди тие да се ослободат од нивните окови.

Филип Пинел починal во 1825 година, на возраст од 81 година. (Н. С.)

 

20.4.1786 – Починал Џон Гудрики

Џон Гудрики (John Goodricke) е англски астроном познат по тоа што прв предложил дека ѕвездите со периодично променлив сјај се всушност ѕвезди во чијашто орбита се наоѓаат други небески тела коишто повремено, при транзит, го затемнуваат сјајот и светлината од оваа ѕвезда.

Неговите истражувања на ѕвездата со променлив сјај Алгол, ќе му обезбедат прием во Кралското астрономско друштво, на само 4 дена пред неговата прерана смрт, на 21 годишна возраст. (Н. С.)

Клучни зборови:
Џералд Хокинс кој ги обезбеди кој со неговите пресметки го демистифицираше значењето на Стоунхенџ

Џералд Хокинс кој ги обезбеди кој со неговите пресметки го демистифицираше значењето на Стоунхенџ  

Џералд Хокинс

Џералд Хокинс

Книгата 'Дешифрирање на Стоунхенџ' (Stonehenge Decoded)

Книгата 'Дешифрирање на Стоунхенџ' (Stonehenge Decoded)

Францускиот лекар Филип Пинел кој прв вовел хуман третман за ментално болните

Францускиот лекар Филип Пинел кој прв вовел хуман третман за ментално болните

Филип Пинел и насловница од негов трактат за менталните болести

Филип Пинел и насловница од негов трактат за менталните болести

Џон Гудрики

Џон Гудрики

Делото Ослободување на лудуте од нивните окови е сведоштво за делото на Филип Пинел

Делото Ослободување на лудуте од нивните окови е сведоштво за делото на Филип Пинел