Рубрика: Омнибус
Поддржи ја музиката од Македонија на YouTube
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 20.04.2021 - 14:00

На крајот од месецот март членовите од  ВБУ Музички регистар ја покренаа иницијативата под име “1000 Subscribes“ (1000 претплатници) преку која прават напор да ја поддржат музичката фела во нивните напори да се прилагоди на новите трендови и да ја зголемат видливоста во дигиталниот свет, поточно на популарните музички сервиси за преслушување музика.

Оваа иницијатива има две основни димензии:

  • Стратешка – да стимулира слушање и употреба на домашната музика;
  • Краткорочна – да се стимулира масовна поддршка на изведувачите, музичките автори и инструменталисти што се обидуваат да добијат поголема видливост на YouTube, а со тоа и можност за монетизација, поточно можност за подобра монетизација;

Целта на иницијативата 1000 Subscribers е да се поттикне јавноста да прави Subscribe на YouTube каналите на домашните креатори на музичка содржина и да се преслушува нивната содржина редовно.

Еден од најпопуларните извори на приходи во модерната музичка индустрија во дигиталниот свет што веќе го користат помладите генерации изведувачи и автори е оној што го овозможуваат популарните download и streaming платформи вклучително и YouTube и нивните системи за монетизација.

Изведувачите, музичките автори и инструменталистите треба да го следат овој тренд ако сакаат да се адаптираат на новото време и новите услови што ги носи модерното време, а фантастично убрзани последниве 12 месеци поради пандемијата. Прашање е кога ќе се создадат некои пристојни услови за враќање во старата нормалност и дали тоа воопшто ќе се случи. Добар дел од младите генерации добро го разбираат ова и го користат дигиталниот свет за да создааат нови извори (покрај живите настапи за што добиваат средства за кои за жал последниве 12 месеци ги нема) на приход.

Носечкиот елемент на иницијативата е да се поттикне секој интернет корисник од нашето општество, но и дијаспората, да почне со:

  • Subscribe (претплата) на YouTube каналите на омилените пејачи/пејачки, изведувачи, бендови, автори, инструменталисти од домашната музичка заедница;
  • редовно преслушување (консумирање) на песните (содржините) поставени од нашите домашни членови на музичката заедница на нивните YouTube канали;

За претплата (subscription) на YouTube каналот на омилениот изведувач потребно е помалку од 2 минути и нема да ве чини ниту денар. Сѐ што треба да се направи е да се отвори корисничка сметка на YouTube (којашто е практично истата онаа на Google).

Да замислиме доколку, на пример, 500 000 граѓани се претплатат на YouTube каналите на нивните најомилени изведувачи, тие би направиле 500 000 претплати.

 

Основни критериуми за монетизација на YouTube

Доколку YouTube каналот не е означен како официјален музички канал од YouTube за што има посебна процедура, тогаш сопственикот на YouTube каналот мора да исполни два основни критериуми за да може да аплицира за програмата за монетизација:

  • Минимум од 1000 претплатници; и
  • Минимум 4000 часа прегледување на неговите содржини во последните 12 месеци;

Иницијативата во обата клучни сегмента (стратешкиот/долгорочен и краткорочниот) нема да биде успешна ако јавноста од нашата прекрасна држава и нашата дијаспора не се вклучи масовно со континуиран придонес.

Можеме ли да ги поддржиме оние што ја создаваат и интерпретираат музиката што ни се допаѓа? Нашето убедување е дека ако ја поддржиме музичката заедница, тоа ќе се рефлектира назад на сите нас останатите.

Повеќе за иницијативата може да прочитате тука , а подолу може да го погледнете и видеообјаснувањето за иницијативата "1000 Subscribes".

Клучни зборови: