Откако малиот хеликоптер Ingenuity (Креативност) беше спуштен од утробата на роверот Perseverance (Истрајност) и оставен сам на себе на површината на црвената планета во неделата по наше земско време, тој се соочи со еден голем предизвик – да се преживее студената марсовска ноќ.
Имено, во текот на ноќта температурата на дното од кратерот Језеро може да се спушти и до минус 90 степени Целзиусови, што може да придонесе за смрзнување и распукување на незаштитените електрични компоненти и и оштетување на батериите, што ефективно би ставило крај на мисијата на хеликоптерот.
Но, малечкиот хеликоптер тежок едвај 1,8 килограми ја докажа својата “жилавост”, а тимот на мисијата доби потврда дека одлично ја завршил работата во поглед на вградената изолација, греачите како и издржливоста на батеријата. Пребродувањето на оваа ноќ означи почеток за “сериозните” подготовки на Ingenuinity за неговиот прв лет.
На 7 април, предвидено е да бидат ослободени ограничувачите што ги држат перките од роторот заедно пред лансирањето. Ако оваа фаза заврши успешно, следните неколку сола (1 сол = 1 деноноќие на Марс = 24:39:35) ќе се изведат повеќе тестирања на перките од роторот, како и моторите што ги придвижуваат. Постојат и проверки за работата на модулот за инерцијално мерење (електронски уред што ја мери ориентацијата на телото во просторот и аголната брзина) и вградениот компјутер задолжен за автономно летање со хеликоптерот. Дополнително, тимот ќе продолжи да ги следи енергетските перформанси на хеликоптерот, вклучувајќи ја тука и проценката на напојувањето од соларните панели и промените во полнежот на шестте литиум-јонски батерии. Ако сè оди според планот првиот обид на Ingenuity да се крене во воздухот од средината на неговиот “аеродром“ – зарамнетото тло со периметар од 10 на 10 метри, локација избрана поради рамните карактеристики и отсуството на пречки – ќе биде најрано вечерта на 11 април. Последователните тестови за време на летот ќе бидат закажани во текот на месецот на Ingenuity, пред будното око на камерите од роверот Perseverance кои ќе овозможат мноштво фотографии со висока резолуција од оваа историска мисија.