Во денешниот времеплов го одбележуваме денот на раѓањето на францускиот астроном и картограф Жозеф-Никола Делизл и основањето на компанијата Неткејп најпозната по тоа што го даде еден од првите легендарни веб-прелистувачи – Netscape Navigator. Покрај ова се сеќаваме на делата на Алфонсо X од Кастилја и Карл Фридрих Бенц...
4.4.1688 – Роден е Жозеф-Никола Делизл
Жозеф-Никола Делизл (Joseph-Nicolas Delisle) е француски астроном и картограф, познат по тоа што го измерил растојанието помеѓу Земјата и Сонцето, мерејќи го времето за коешто Венера и Меркур транзитираат пред Сонцето.
Делизл прв предложил дека прстените во боја што повремено се јавуваат околу Сонцето се последица на дифракцијата на светлината при минувањето низ водената пареа од облаците. (Н. С.)
4.4.1980 – Марк Андресен и Џим Кларк го основаа Netscape
Netscape беше првата компанија што се обиде да профитира од појавувањето и наглата популарност на World Wide Web. Беше основана на 4 април 1994, под името Mosaic Communications Corporation од страна на Џим Кларк, кој ги „регрутираше“ Марк Андресен за соосновач и Клајнер Перкинс како инвеститори.
Првиот работен состанок меѓу двајцата основачи воопшто не беше во никаква врска со софтвер од типот на Netscape, туку за производ сличен на Nintendo. Дури и направиле концепт за онлајн гејминг мрежа за Nintendo, за конзолата Nintendo 64, но договорот никогаш не беше реализиран. Марк Андерсен објаснил дека доколку го испратеа концептот една година порано, веројатно ќе се посветеле на тоа, наместо на Netscape.
За потсетување, нивниот прв веб-прегледник Mosaic Netscape 0.9 се појави на 13.10.1994. (З. И.)
4.4.1284 – Почина Алфонсо X од Кастилја
Алфонсо X од Кастилја (Alfonso X de Castilla, el Sabio), познат и како Алфонсо Мудриот, бил крал на Шпанија и астроном. Неговите планетарни табели со приказ на позициите на планетите се користеле како стандард во наредните 300 години во средниот век. (Н. С.)
4.4.1929 – Починал Карл Фридрих Бенц
Бенц е машински инженер, конструктор и произведувач на првиот автомобил во светот кој е претставен во 1885. година. Автомобилот бил со три тркала, со голем пречник налик на кочија. Бил задвижуван од 4-тактниот бензински мотор (958 cm3; 0,75 КС) на Николаус Ото со принудно палење. Автомобилот за прв пат бил возен по улиците на Мајнхајм. Следната, 1886. година добива патент за овој автомобил.
Во историјата на автомобилизмот овој настан е од непроценливо големо значење затоа што конечно покажа дека со една пристојна конструкција на кочијата (подоцна каросерија) и релативно мал и ефикасен мотор, може да се реализира вековниот сон на човекот да се овозможи автономен превоз без потреба од запрежни животни. Останатото е историја. (Т. С.)