Во изминатиов период, иако сме навлезени во научно-технолошки развениот 21 век, сведоци сме на голема кампања против вакцинирањето и споделување на разни „антивкасерски“ написи. Поради тоа, неминовно има определен број на луѓе кои се во недоумица околу исправноста на вакцинирањето.
За да помогнам да се реши дилемата дали треба или не треба да се вакцинираме, решив на помош да ја повикам науката преку математиката, статистиката и веројатноста. Имено, се тврди дека не сите вакцини биле безбедни и дека во моментов, вакцината Астра-Зенека (на британско-шведската компанија која ја разви вакцината во соработка со надалеку прочуениот Универзитет Оксфорд) не била добра зашто имало случаи на тешки компликации со згрутчување на крвта од кои некои завршиле фатално...
Еве, ќе ја земам оваа „најнебезбедна“ вакцина за да направам една кратка анализа.
Од 2,7 милиони луѓе вакцинирани со вакцината Астра-Зенека во Германија (до 29 март), имало 31 случај на компликации со згрутчување на крвта од кои 9 имале фатален исход. Математички пресметано, тоа е една компликација на 87 000 вакцинирани луѓе (односно 0,00115%), а еден смртен исход на 300 000 вакцинирани (односно 0,00033%). Значи, ако се вакцинираат сите (1,8 милиони) граѓани на Македонија, може да се очекуваат компликации кај 20, од кои фатален исход кај 6.
Притоа, треба да се има предвид дека наведените сучаи на луѓе кои починале непосредно по, вакцинирањето или неколку дена (недели) по вакцинирањето не значи со сигурност дека причината за смртта е предизвикана директно од вакцината. Има разлика меѓу временско совпаѓање и директна причина.
Добро, ајде сега да видиме кои се очекувањата ако нема вакцини и ако не се вакцинираат луѓето!
До сега во Македонија, бројот на заразени од Ковид-19 изнесува околу 130 000, а од нив починале околу 3780, односно 2,9%. Дури и оптимистички да претпоставиме дека, заради нецелосниот опфат на тестирање кај целото население, реално да има тројно повеќе заразени (кои „прележале“ и без да знаат), тоа се вкупно 390 000 заразени, тогаш процентот на починати пак е загрижувачки голем – 0,97%, или приближно 1%.
Ако Македонија има 1,8 милиони жители, тоа значи дека во периодот што следува, доколку не се вакцинира населението, ќе има уште околу 13 700 починати од Ковид-19 во Македонија.
Значи да резимираме, ако сите се вакцинираат со „најнебезбедната вакцина“, треба да очекуваме компликации кај само дваесет луѓе – при што треба да се напомене дека од нив само шестмина нема да ги преживеат. А ако никој не се вакцинира, во следниот период не очекуваат уште сигурни 13 700 починати, како жртви на Ковид-19! Односно, вкупно би имало околу 17 500 починати невакцинирани!!! Овде не ги сметам другите трајни последици, освен починатите. Тоа се здравствени последици за оние кои останале живи, ама имаат компликации.
Освен директните смртни последици, од економска гледна точка, изгубените работни часови поради боледување и загубите на стопанството кои и до сега се големи, ќе станат екстремно големи...
Има ли уште такви кои мислат дека не треба да има вакцинирање!?
Прилог: Топ листа на државите со најголема смртност на 1 милион жители:
Бонус корисни линкови на оваа тема од светот и од регионот:
Светска здравствена организација: https://covid19.who.int/region/euro/country/mk
Nature: https://www.nature.com/articles/d41586-021-00880-9
Дојче Веле за извештајот на Европската агенција за лекови https://www.dw.com/en/ema-sees-no-evidence-to-restrict-astrazeneca-vaccine/a-57069760
Хрватски фонд за јавно здравство: https://www.hzjz.hr/sluzba-epidemiologija-zarazne-bolesti/informacije-o-cijepljenju-cjepivom-covid-19-astra-zeneca/