Едно ново истражување, предводено од научници од Универзитетот во Нотингем, укажува на тоа дека средината во којашто живеат мажите може да влијае врз нивното репродуктивно здравје.
Истражувањето објавено во Scientific Reports ја истражило врската помеѓу географската локација и хемикалиите од загадувањето пронајдени во тестисите на кучиња, за кои се знае дека влијаат на репродуктивното здравје.
Истражувањето се фокусирало кон кучињата затоа што тие, како популарни миленици, ја делат истата животна средина со луѓето и притоа се подеднакво изложени на истите хемикалии присутни во домаќинствата на нивните сопственици. Тимот барал и знаци за абнормалности кај тестисите. Наодите покажале дека и присутните хемикалии и степенот на абнормалности кај тестисите се различни во зависност од тоа каде живеело кучето.
За да се открие кои од соединенијата загадувачи се присутни во ткивото, во истражувањето биле анализирани кучешки тестиси што претходно биле отстранети при рутински клинички зафати. Притоа биле анализирани примероци од цела Велика Британија, од областите Источен и Западен Мидлендс, како и од југоисточниот дел на островот, но и од Данска и Финска.
Според научниците вклучени во истражувањето ова е прво истражување кое укажува на поврзаноста помеѓу профилот на хемиските загадувачи присутни во тестисите на кучињата и местото каде што тие живеат. Истовремено биле забележани разлики и во патологијата на тестисите зависно од географското потекло, како и промена кај клетките важни за производството на сперматозоиди.
Научниците ветеринари сметаат дека нивното истражување е мошне битно поради распостранетоста на кучињата и нивното присуство во секој сегмент од животот на луѓето. Откриените хемиски загадувачи откриени кај кучињата мошне веројатно влијаат и врз репродуктивното здравје на луѓето од истата средина. Со тоа студијата ги поткрепува регионалните разлики во поглед на репродуктивното здравје кај мажите.