Рубрика: Информатика
Апликација за вас мамурни луѓе
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.03.2021 - 13:15

Барем еднаш во животот сите правиме по некоја глупост, а една од најчестите е проследена со она чувство на физичка и морална тежина во вашата глава наречено мамурлак по бурна ноќ. За раат опоравување на сите вас мамурни луѓе сега има соодветна апликација која води грижа за вашето однесување во текот на славјето, па сите оние чудни полноќни разговори со вашиот шеф сега може да станат минато wink

Дека паметниот телефон ни го менува животот е добро познато, како што е познато и тоа дека некои од нас веќе го чувствуваат како продолжен дел од нивното тело и постојано имаат потреба да го држат уредот в раце. Еднa од несаканите последици на оваа лоша навика е тоа што таа може да ја доведе во опасност лошата репутација на сопственикот на смартфонот, на пример, со правење на несоодветно селфи во алкохолизирана состојба, пишување недоветвени коментари на социјалните мрежи или телефонски јавувања  додека е “под гас”.

Овие краткотрајни изблици на, ахем, да кажеме лудување понекогаш може да имаат далекусежни последици. Од оваа причина, нам добро познатата компанија Gree Electronics, која неодамна навлезе и во светот на мобилната телефонија, создаде и патентираше т.н. филтер за пијанство, чија главна цел е да го заштити имиџот на сопственикот на смартфонот во моментите на ‘тотално опуштање’.

Пијаниот режим претставува претходно конфигурирана поставка од страна на корисникот, во која тој избира кои од апликациите ќе имаат забранет или ограничен пристап по активацијата на филтерот. Откако ќе се направи конфигурацијата, корисникот избира неколку тест-правила за проверка на неговата трезвеност, кои ако ги помине, ќе може да пристапи до апликациите. Потоа режимот мамурлак се активира, по што избраните апликации се недостапни или имаат ограничена функционалност. Сè што треба да направи, отрезнетиот (и мамурен) корисник следниот ден за да се деактивира режимот за пијана состојба е да го помине избраниот тест за трезвеност. Тестот може да се состои од повторување на сложен редослед од алфанумерички кодови, знаци или гестови за трага на екранот, кои се речиси невозможни за изведба ако е компромитирана координацијата на движењето.

Активацијата на пијаниот режим не значи дека вашиот телефон ќе стане целосно неупотреблив. Со правилен избор во сетинзите сепак ќе може да повикате такси што ќе ве однесе до дома, но ќе биде невозможно да го израдувате вашиот шеф или поранешна девојка, да кажеме, со повик во 3 или 4 часот по полноќ. Затоа  ако се решите за користење на ваков режим бирајте мудро :)

Но не е се до ограничувањата. При активирање на филтерот пијанство ќе се активираат и низа функции што ќе го олеснат користењето на телефонот за оние кои ‘џитнале’ некоја чашка повеќе. Така, на пример, на екранот ќе добиете поголеми броеви од тастатурата, или ќе можете со притисок на едно копче да ја испратите вашата GPS локација до вашиот назначен возач за таа ноќ.

Апликацијата е мошне корисна и за оние што имаат обичај да купуваат сè и сешто или да почестат некого. Имено, режимот може да ги оневозможи крупните парични трансакции, и ќе го спречи неразумното трошење пари на корисникот.

Апликацијата засега е достапна само на телефоните на Гри и ако не ја преземе и некој од поголемите играчи како Ксиаоми, Хуавеи или Самсунг, неизвесно е дали и колку ќе заживее и покрај нејзината практичност. Уште една работа за размислување е дали и колку би можела да страда репутацијата на корисникот ако некој што не треба ја забележи апликацијата на неговиот телефон.

Клучни зборови: