Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 26.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.03.2021 - 15:45

Во денешниот времеплов одбележуваме 105 години од раѓањето на американскиот биохемичар Кристијан Анфинсен, кој ја најде врската помеѓу рибонуклеазата и аминокиселините, и 70 години од раѓањето на Карл Виман, американскиот физичар кој успеал да ја произведе предвидената петта агрегатна состојба на материјата. Покрај ова го славиме и родендените на германскиот математичар Адолф Хурвиц и на британскиот физичар Ентони Легет. Денес се навршуваат и 25 години од смртта на Дејвид Пакард, соосновачот на информатичкиот гигант Хјулит-Пакард...

 

26.3.1916 – Роден е Кристијан Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен, помладиот (Christian Boehmer Anfinsen, Jr.) е американски биохемичар којшто во 1972 година ја добива Нобеловата награда за хемија за неговото истражување на рибонуклеазата и на аминокиселинските секвенци. Тој успеал да ја препознае врската помеѓу молекуларната структура на рибонуклеазата и нејзината биолошка функција.

Анфинсеновата хипотеза, позната и како термодинамичка хипотеза, претставува постулат во биофизичката хемија којшто тврди дека, барем кај малите глобуларни протеини, нативната конформација е одредена со минимумот на Гибсовата слободна енергија на системот и како таква, гледано термодинамички, таа ја претставува најстабилната конформација. Од оваа хипотеза произлегува дека нативната конформација на протеините може да се одреди тргнувајќи само од примарната аминокиселинска секвенца и општите физичко-хемиски принципи.

Анфинсен има објавено повеќе од 200 оригинални написи, кои во најголем дел се посвеени на односите помеѓу структурата и функцијата на протеините,. Во неговата книга “Молекуларната основа на Еволуцијата” од 1959 година, тој го опишува односот помеѓу протеинската хемија и генетиката, како и начините на коишто тие може да помогнат за подлабоко разбирање на еволуцијата.

Бил член на американската Национална академија на науките, данската Кралска академија на науките и уметностите и на Американското филозофско друштво. (Н. С.)

 

26.3.1951 – Роден е Карл Виман

Карл Виман (Carl Wieman) е американски физичар, кој во соработка со Ерик Алин Корнел (Eric Allin) успева да го добие Бозе-Ајнштајновиот кондензат. За ова достигнување во 2001 година им припаднаа 2/3 од Нобеловата награда за физика која ќе ја подели со неговите колеги Ерик Корнел и Волфганг Кетерле.

Бозе-Ајнштајновиот кондензат се смета за петта агрегатна состојба на супстанцијата, покрај состојбите на течност, гас, цврсто тело и плазма. Се добива со ладење на извонредно разреден гас со бозонски честици до температури блиски на апсолутната нула.

Бозе-Ајнштајновиот кондензат теоретски бил предвиден во 1924/25 година од страна на Сатјендр Бозе и Алберт Ајнштајн. Првиот ваков систем експериментално е пронајден во разредените гасови на алкалните атоми во 1995 година.

Виман во моментов работи на подобрување на начините на коишто науката им се приближува и им се предава на младите ученици и студенти. (Н. С.)

 

26.3.1859 – Роден е Адолф Хурвиц, германски математичар

Адолф Хурвиц (Adolf Hurwitz) е роден во Хилдесхејм, во тогашното кралство Хановер, во еврејска фамилија. Уште од млади години покажал интерес за математиката и неговиот учител му предложил на татко му да го пушти да студира математика, што и се случило со крајни финансиски напори од родителите и пријателите. Така, на 18 години ги започнал студиите на Универзитетот во Минхен. Докторатот го работел во Лајпциг, на тема Елиптички модуларни функции. Потоа кариерата ја продолжил како Универзитетски професор, за на крајот да се пензионира од престижното место на професор на прочуената Политехника во Цирих.

Посебен интерес му биле Римановата површинска теорија, која ја искористил да докаже многу темелни алгебарски криви. Се интересирал и за теоријата на броевите. Ја проучувал теоријата за максималниот ред (кватериони). Покажал интерес и истражувал на полето на теоријата на управувачките системи и динамичките системи, каде што го вовел критериумот за стабилност на системот. (Т. С.)

 

26.03.1996 – Почина Дејвид Пакард

По неколку неделно боледување, на денешен ден во 1996 година, почина со-основачот на HP, Дејвид Пакард. Заедно со пријателот дипломец од Стенфорд, Бил Хјулит, го основал Hewlett-Packard во една гаража во Пало Алто, поттикнувајќи го развојот на она што подоцна ќе стане познато во целиот свет како Силиконска Долина. Првиот производ на НР беше осцилатор – Волт Дизни користеше осум такви во неговиот револуционерен филм “Фантазија“.
Во текот на наредните години и децении, Hewlett-Packard ќе стане светски познато име на полето на домашните компјутери, печатачи, калкулатори, додатоци и опрема за тестирање. (З. И.)

 

26.3.1938 – Роден е Ентони Легет

Ентони Џејмс Легет (Anthony James Leggett) е британски физичар познат по неговите достигнувања во доменот на физиката на ниски температури. Тој ги постави основите за теориите на макроскопските квантни ефекти за разбирање на суперфлуидноста на хелиумот. За оваа негова работа, во 2003 година му беше врачена Нобеловата награда за физика.

Легет ги истражува и другите квантни ефекти во услови на ниски температури како што се суперспроводливоста и Бозе-Ајнштајновите кондензати. (Н. С.)

Клучни зборови:
Кристијан Бемер Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен

Карл Виман

Карл Виман

Петте агрегатни состојби на материјата

Петте агрегатни состојби на материјата

Карл Виман и неговиот колега Ерик Корнел размислуваат како до БА кондензат

Карл Виман и неговиот колега Ерик Корнел размислуваат како до БА кондензат

Адолф Хурвиц

Адолф Хурвиц

Адолф Хурвиц

Адолф Хурвиц

Дејвид Пакард

Дејвид Пакард

Дуото Хјулит-Пакард го создаде еден од гигантите на информатичката индустрија

Дуото Хјулит-Пакард го создаде еден од гигантите на информатичката индустрија

Ентони Легет

Ентони Легет

Ентони Легет

Ентони Легет