Рубрика: Медицина
Рекорден број на хоспитализирани во ковид-болниците
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 24.03.2021 - 09:45

Кај стапката на позитивни тестови како да гледаме први знаци на подзабавување на растот, иако сè уште е прерано да се каже. Сопирањето на растот на оваа стапка би била уште една потврда за врвот на бранот, но ајде да не прејудицираме толку рано. Она што загрижува е што деновиве гледаме високи бројки на новохоспитализирани и многу малку, понекогаш нула, испишани...

Ефективниот репродукциски број Rt (а со него и забрзувањето) последниве денови повеќе не расте и моментално како да се обидува да ја пробие долната линија од нагорниот коридор во којшто се движи веќе месец и половина (долната зелена линија на првиот дијаграм). Доколку навистина пробие надолу, иако забрзувањето на дневните бројки сè уште ќе постои, тоа ќе станува сè помало и помало, додека сосема не престане (при Rt=1). Засега останува на сила претходната прогноза за пик на епидемискиот бран во првите денови на април, под услов мерките да останат вакви какви што се (ако воопшто можеме да ги сметаме за мерки или пак се обично замајување).

На дијаграмот од втората слика ги гледаме таканаречените десезонирани дневни бројки на нови случаи, од кои што е исклучено влијанието на денот во неделата и променливиот број на тестирања. Се забележува дека дневниот број на случаи расте за околу 2% дневно, односно сегашните просечно 1000 дневно се зголемуваат за уште по 20 секој ден. Навидум, не изгледа многу, ама за 7 дена тоа може да биде зголемување за 140 случаи над сегашните 1000. Ако забрзувањето се поднамали и ова дневно зголемување ќе започне да опаѓа, па за 7-10 дена дневниот просек би требало да се максимира на околу 1150 ±300 случаи на ден. Доколку успееме да држиме чекор со бројот на тестирањата, веројатно ќе има денови и со 1400-1500 нови случаи.

Ако погледнеме крајно десно на вториот дијаграм, ќе забележиме дека во понеделникот имавме големо натфрлање над очекуваниот дневен број. Вчера пак (вторник) имаме потфрлање, односно компензација за вчерашното натфрлање. Осцилациите околу правата нагорна линија на трендот е таканаречен статистички бел шум, односно остаток (резидуал) од трендово-сезонската декомпозиција. Сè на сè, трендот на раст на дневните бројки засега изгледа стабилно нагорен и предвидлив, а дали растот ќе започне да забавува, ќе зависи од погоре споменатото намалување на Rt во наредните денови.

Кај стапката на позитивни тестови, поточно нејзината 7-дневна подвижна средина (црвената линија на третиот дијаграм) како да гледаме први знаци на подзабавување на растот, иако сè уште е прерано да се каже (гладна кокошка просо сонува). Сопирањето на растот на оваа стапка ќе биде уште една потврда за врвот на бранот, но ајде да не прејудицираме толку рано.

До тука беа неутралните, до благо позитивни вести. Загрижувачки сигнали ни упатува се поголемиот број на хоспитализирани, денеска дури 1461, што претставува нов рекорд во македонските ковид-болници и натфрлање над претходниот рекорд дури за 30 пациенти (сината линија на четвртиот дијаграм. Можеме да кажеме дека од денес пловиме во непознати води, односно на неистражена територија. Се забележува извесно доцнење од околу 7 дена на бројот на хоспитализираните во однос на бројот на активните случаи (нормално не би требало има вакво доцнење). Сината линија е поместена десно од жолтата, а по 7 дена сината би требало да биде на висина од жолтата денеска, односно ќе има потреба од околу 1750 постели. Засега протокот на пациентите при влез во болниците е непречен, бидејќи веќе рутински се пополнуваат сите клиники (нервна, кожна, ОРЛ, очна, нефрологија). Но, тие имаат ограничен капацитет и блиску сме до точката кога повеќе нема да можат да примаат. Во Битола денес се пополнил ковид-центарот (82 постели), но тоа не е проблем бидејќи целиот стационар за ортопедија и физикална терапија е празен и може да прими нови пациенти. Се чини дека модуларната болница во Битола нема ни да биде потребна во овој бран, освен ако тука не се распоредуваат пациенти од другите градови. Во Прилеп изгледа дека целата болница преминала во ковид-режим, исто како во есенскиот бран. Во Штип исто така капацитетот (не сметајќи ја модуларната болница) е при крај. Сега сите надежи се полагаат во модуларните болници, останува да се надеваме дека ќе успеат да примат барем уште 250 нови пациенти.

Воопшто не моравме да дојдеме до оваа точка ако во јануари се заостреа мерките, ако се намалеше приливот на нови болни и се подиспразнеа болниците. Уште на 29 јануари прогнозата беше дека доаѓа британскиот сој на вирусот, нов бран на епидемијата и дека во него ќе влеземе со 600 хоспитализирани, што е премногу уште на самиот почеток.

Наредните 7-14 дена ќе бидат вистинскиот тест и трка со времето. Деновиве гледаме високи бројки на новохоспитализирани и многу малку, понекогаш нула испишани. Во некои денови намалувањето го чинат само умрените.

Уште еднаш да кажеме: не постои толкав капацитет којшто не може да се пополни, ако населението не води сметка за своето однесување. Свој дел од вината сноси и власта, затоа што со одржувањето отворени кафеани и кафулиња му упатува на населението лажна (и опасна!) порака дека тие места се безбедни, а јасно е дека не се. Ако без фабрики не се може, без овие несуштински дејности уште како се може и се мора. Иако затворањето нема да ја сопре епидемијата, доволно е да ја намали преносливоста (Rt<1), да сопре растот на активните и хоспитализираните и да се намали притисокот врз болниците.

Пред нас е нов ден, средина на неделата – ден за големи бројки..

Клучни зборови: