На конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD) Швајцарија беше посочена како нов број еден според индексот за електронска трговија за B2C (business to client). Таа ја престаса Холандија, која претходните две години беше на првото место.
Веќе неколку години со ред UNCTAD рангира 152 земји според нивната подготвеност да се занимаваат со е-трговија. Вообичаено Европа е убедливо најподготвениот регион за продажба преку Интернет, покажува најновиот индекс. Освен Сингапур (4 место) и Хонг Конг (10 место), првите, топ-10 земји се од Европа. И за прв пат, Швајцарија е таа што води во индексот на е-трговија, следена од Холандија која беше на првото место во 2018 година и во 2019 година.
Овие земји се рангирани врз основа на различни фактори како што се пристапот до безбедни интернет-сервери, веродостојноста на поштенските услуги и инфраструктурата, и според процентот од населението што користи интернет и има сметка во некоја финансиска институција или интернет провајдер кои нудат мобилни банкарски услуги.
Oфицијалниот сајт на UNCTAD ја пренесува и изјавата на Шамика Н. Сириман, директор на одделот што го подготвува годишниот индекс. Таа вели: “Поделбата во електронската трговија останува огромна. Дури и меѓу земјите од G20, застапеноста на луѓе кои купуваат преку Интернет се движи од 3% во Индија до 87% проценти во Велика Британија“.
Она што е уште поинтересно е тоа што двата најголеми пазари за електронска трговија во светот, Кина и САД, ги нема никаде меѓу првите 10 корисници на e-commerce услуги. Кина се наоѓа дури на 55 место оваа година, додека САД завршија на 12 место.
Како што појаснува UNCTAD “Иако двете земји водат во неколку од апсолутните критериуми, тие заостануваат во релативните споредбени индекси. На пример, пенетрацијата на интернетот во САД е помала отколку во која било од топ 10 економиите, додека Кина е на 87-то место во светот според овој индикатор. Што се однесува до пенетрацијата преку купување преку Интернет, САД се наоѓаат на 12-тото место, додека Кина го зазема 33-тото место. ”