Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 17.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 17.03.2021 - 14:15

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на швајцарскиот психолог Валтер Хес, и се сеќаваме на делото на австрискиот физичар Кристијан Доплер. Покрај ова го одблежуваме денот кога беше промовиран легендарниот автомобил Порше 356, денот кога НАСА го лансираше првиот сателит напојуван со сончева енергија, и денот кога е откриен хемискиот елемент калифорниум. А на денешен ден започна и судската битка помеѓу Мајкрософт и Епл за авторските права над графичкиот кориснички интерфејс...

 

17.3. 1881 – Роден е Валтер Хес

Валтер Рудолф Хес (Walter Rudolf Hess) е швајцарски психолог, добитник на половина од Нобеловата награда за медицина во 1949 година. Познат е по тоа што успеал да ги идентификува региите во мозокот коишто се одговорни за контрола на внатрешните органи.

Хес се послужил со техниката на електрична стимулација за да спроведе повторувачки сигнал директно во делови од мозокот. Тој открил дека при стимулацијата на различни делови од мозокот добиениот емоционален одговор бил придружен со различен физиолошки одговор. Тој успеал да ‘провоцира’ глад, жед, забавено дишење, намален крвен притисок, уринирање и дефекација. (Н. С.)

 

17.3.1949 – Промовиран е автомобилот PORCHE 356

На денешен ден, во 1949 година на Женевскиот авто салон, промовиран е легендарниот високосериски спортски автомобил Порше 356.

Промоцијата на моделот 356 на авто-салонот во Женева

Пеколот низ кој во тие моменти поминувала фамилијата Порше ретко кој го познава. Фолксваген сè уште не бил познат надвор од Германија (значи недостаток на финансии), главата на фамилијата (Фердинанд Порше постариот) бил заточен во Франција, а остатокот на фамилијата и фирмата се скрасилe во длабоката провинција во Корушка, блиску до југословенско-австриската граница. Сè на сé – пекол за таа фамилија.

Но, музите не мируваат. Го развиваат најпрочуениот светски спортски автомобил Порше 356. Автомобилска икона ја запечати судбината на таа фамилија засекогаш – во позитивна насока, како “проклетство“ кое дава надеж и симболизира врвен естетско-технички супериорен престиж кој мора да се одржува и одново и одново да се потврдува и докажува. (Т. С.)

 

17.3.1853 – Почина Кристијан Доплер

Австрискиот математичар и физичар Кристијан Доплер (Christian Andreas Doppler) е најпознат по откривањето на принципот на промена во брановата должина на светлината или на звукот при приближување или оддалечување на изворот во однос на набљудувачот, подоцна наречен според него –доплеров ефект.

Роден во Салцбург (денешна Австрија). По завршување на средното училиште во родниот град  студирал филозофија, а потоа и математика и физика на Кралскиот технички институт во Виена, каде станал асистент во 1829 година. Во 1835 година  започнал да работи на Универзитетот Политехника (денес Чешки Технички Универзитет) во Прага. На 38-годишна возраст, Доплер одржал предавање пред Кралското Бохемско друштво на науки, а веднаш потоа го објавил своето најзначајно дело “За обоената светлина на двојните ѕвезди и некои други ѕвезди на небесниот свод“(Über das farbige Licht der Doppelsterne und einiger anderer Gestirne des Himmels). Во него тој нуди објаснување за привидната промена на бојата во фреквенциите на светлината од ѕвездите. Тој објаснува дека оваа промена се должи на релативното движење на изворот во однос на набљудувачот, односно дека набљудуваната фреквенција на бранот зависи од релативната брзина на изворот и на набљудувачот. Принципот ќе стане познат како Доплеров ефект.

Најлесна демонстрација на Доплеровиот ефект е онаа на звучните бранови. При приближување на изворот на звукот (на пример, автомобилска сирена) кон стациониран набљудувач, брановата должина се намалува поради што висината на звукот (односно неговата фреквенција) се зголемува. Кога звучниот извор ќе го одмине стационарниот набљудувач и ќе почне да се оддалечува од него, брановата должина се зголемува со што се намалува висината на звукот. Ефектот е карактеристичен за сите бранови форми, вклучително и за светлината.

Доплер продолжил да работи како професор во Прага, објавувајќи преку 50 статии од доменот на математиката, физиката и на астрономијата, сè до 1847 година кога се префрлил најнапред во Селмекбања, во Кралството Унгарија, а потоа во 1849 година во Виена, каде во 1850 година бил назначен за раководител на Институтот за експериментална физика на тамошниот универзитет.

Починал на 49-годишна возраст во Венеција, која во тоа време била дел од Австриската империја. (Д. М. / Н. С.)

 

17.3.1958 – НАСА го лансира сателитот Вангард 1

Сателитот Вангард 1 (Vanguard 1) е вториот американски сателит лансиран во земјината орбита, но прв сателит чиишто електронски системи се напојуваат од сончеви ќелии. Сателитот имал облик на топка со пречник од едвај 16,5 cm. Поради неговата големина и форма советскиот премиер Никита Хрушчов ќе му го даде прекарот “грејпфрут”.

Изглед на сателитот Вангард 1

Вангард 1 сè уште кружи околу Земјата заедно со последната фаза од ракетата со којашто беше лансиран во орбитата, иако комуникацијата со него биле изгубена уште во 1964 година. Овие два објекти се најстарите “вселенски артефакти” изработени од човекот коишто се наоѓаат во орбитата.

Се очекува сателитот да навлезе во атмосферата и да падне на Земјата во 2198 година. (Н. С.)

 

17.3.1950 – Пронајден е хемискиот елемент калифорниум

Научниците од Лабораторијата за истражување на радијацијата при Универзитетот Беркли го објавуваат откритието на елементот 98. Хемискиот елемент бил добиен со бомбардирање на елементот кириум 242 со алфа-честички. Калифорниумот е елемент од групата актиноиди и ја поседува втората највисока атомска маса (по ајнштајниумот) од сите елементи произведени во доволно големо количество забележливо и со голо око.

Ознаката на хемискиот елемент калифорниум и неговиот изглед

Елементот го носи името на американската држава Калифорнија,  каде што се наоѓа и универзитетот во којшто тој бил откриен. (Н. С.)

 

17.3.1988 – Apple го тужи Microsoft за повреда на авторските права

Apple Computer го тужи Microsoft за повреда на авторските права над графичкиот кориснички интерфејс (GUI) на неговиот оперативен систем. Откако Apple го развил високоуспешниот GUI Macintosh во 1984 година, Microsoft го објавил својот оперативен систем Виндоус, кој имаше некои сличности во изгледот и чувството на GUI. Според условите на доверливиот договор потпишан меѓу двете компании во 1985 година, Microsoft се согласил да признае дека нивниот GUI е изведен од оној на Macintosh. За возврат, Apple му даде на Microsoft лиценца да го користи дизајнот во својот софтвер. Судијата на крајот одлучил дека Apple имал само ограничени права за дизајнот. Apple се обиде да го изнесе случајот пред американскиот Врховниот суд, но беше одбиен. (И. З.)

Клучни зборови:
Нобеловецот Валтер Рудолф Хес

Нобеловецот Валтер Рудолф Хес

Валтер Хес објаснува за мозочните регии

Валтер Хес објаснува за мозочните регии

Кристијан Доплер

Кристијан Доплер

Кристијан Доплер

Кристијан Доплер

Промоцијата на моделот 356 на авто-салонот во Женева

Промоцијата на моделот 356 на авто-салонот во Женева

Порше 356SL, модел од 1953 година

Порше 356SL, модел од 1953 година

Сателитот Вангард 1

Сателитот Вангард 1

Изглед на сателитот Вангард 1

Изглед на сателитот Вангард 1

Ознаката за хемискиот елемент калифорниум

Ознаката за хемискиот елемент калифорниум

Елементот калифорниум

Елементот калифорниум