Рубрика: Електроника
Нов тип на исправувачи од силициум-германиум
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 16.03.2021 - 13:00

Новиот тип силициум-германиумски (SiGe) исправувачи од Некспериа се високоефикасни, термички стабилни и имаат помали димензии. Вака барем тврди производителот.

Овој тип исправувачи ја комбинира високата ефикасност на Шотки диодите со термичата стабилност на брзите (fast recovery) диодите. Означени како AEC-Q101, овие диоди се особено погодни за примена во услови со повисоки температури, па затоа главна примена се очекува да најдат во автомобилската индустрја, кај серверите и во комуникациската инфраструктура.

Елементите се со мошне ниска струја на истекување што им овозможува поширока област за безбедна примена без прегревање до температури од 175ºC. Истовремено се мошне погодни за оптимизација на дизајнот на уредите во насока на зголемување на ефикасноста.

Новата технологија  заснована на силициум-германиум е развиена за примена во апликации во опсегот од 100 до 200V. Со оглед на тоа што во Некспериа работат на оваа технологија последниве неколку години, тие веќе поседуваат патенти за процесите кои овозможуваат навидум конфликтни услови за работа – висока ефикасност при високи температури.

Да издвоиме неколку клучни карактеристики на елементот: URRM од 120V, 150V и 200V, IFAV од  1, 2 и 3 A, низок пропусен напон UF, мошне мали губитоци на струја < 1nA, термичка стабилност до 175 °C Tj, брзо и лесно преклопување, ниска паразитна капацитивност, мали димензии.

Употребата носи одлична ефикасност и продолжен опсег на работа. Во автомобилската индустрија може да се примени за LED осветлување, во контролните уреди, кај серверите во уредот за напојување, а слична примена би можела да се најде и во комуникациската инфраструктура.

Клучни зборови: