Вечерва покрај Земјата ќе “профучи” астероидот Апофис. Простор за паника нема, со оглед на тоа што моменталните пресметки кажуваат дека Земјата со својата гравитација сепак нема да го привлече до толку за тој да се урне врз неа. Но, сепак премногу е рано да се каже со 100% сигурност. Дијаметарот на Апофис е околу 370 метри.
Во најблиската точка астероидот ноќеска ќе се приближи на 0,11 астрономслки единици (11% од средното растојание од Земјата до Сонцето), односно 44 пати подалеку отколку од Земјата до Месечината.
Најблиското приближување годинава на потенцијално опасниот астероид 99942 Апофис покрај Земјата ноќеска ќе можеме да го следиме онлајн и во живо преку два телескопа. Преносот од роботизираниот телескоп Virtual Telescope Project 2.0, кој се наоѓа близу Рим, ќе започне во 1 часот по полноќ по средноевропско време и ќе може да се гледа на следниов линк https://www.virtualtelescope.eu/webtv/
Вториот линк за следење на приближувањето е од Slooh sky digital survey. Slooh телескопот е сместен на островот Тенерифе на Канарските Острови на вулканот Теиде. Се работи за првиот телескоп којшто понуди директно во живо набљудување на вселената за сите заинтересирани. Приближувањето на Апофис ќе може да се следи на следниов линк https://www.youtube.com/watch?v=dZRhDRjh2ww
Инаку, во 2029 се очекува многу поголемо приближување, кога Апофис ќе помине на само 31.000 километри од Земјата (помалку од 1/10 од растојанието до Месечината), поблиску дури и од телекомуникациските сателити во геостационарна орбита!
Апдејт: Непосредно пред закажаниот термин италијанскиот Virtual Telescope Project 2.0 го откажа преносот поради лоши временски услови. Се надеваат дека во наредните ден-два ќе има подобрување на условите па ќе може да се 'фати' барем оддалечувањето на Апофис.
Slooh Digital Sky Survay засега не јавува за вакви проблеми и во моментов сè уште одбројува до вклучувањето во живо во 2 часот по полноќ