Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.03.2021 - 16:45

Во денешниот времеплов одбележуваме 40 години од лансирањето на еден од првите домашни компјутери, легендарниот ZX81 Синклер, а пред точно 405 години револуционерното дело на Коперник “За движењето на небесните сфери” се најде на листата книги забранети од црквата. Покрај ова се сеќаваме на ликот и делото на кинематограферот Милтон Манаки.

 

5.3.1981 – Лансиран е домашниот компјутер ZX81

Британскиот ZX81 беше еден од првите домашни компјутери во светот. Синклер ZX81 беше мал, црн со само 1К меморија, но пред 40 години помогна во создавањето на цела генерација волшебници за програмирање.

Претходно, компјутерите беа џиновски скапи машини што ги користеле корпорациите и научниците. ZX81 беше првиот компјутер на којшто почнаа да работат многумина идни ИТ-професионалци. Беше дизајниран да биде мал, едноставен и пред сè евтин, со што е можно помалку компоненти. Компјутерот немаше сопствен монитор, излезот за видео се приклучуваше во обичен ТВ-приемник,  тастатурата беше најевтината можна – фолијска, а програмите и податоците се вчитуваа и зачувуваа во аудио касети. 

ZX81 имаше само четири чипови со вкупна меморија од 1 KB, додека ROM меморијата имаше само 8 килобајти, но во неа беше сместен целиот оперативен систем заедно со BASIC интерпретерот. Користеше процесор Zilog Z80 со работна фреквенција од 3,25 MHz, а што се однесува до 'графиката', таа имаше само 64x48 квадратчиња. Немаше прекинувач за напојување или некои подвижни делови, а исклучок беше прекинувачот за избор на ТВ-канал, VHF, присутен кај некои модели. Во светот ќе видат продадени над 1,5 милиони примероци од компјутерот ZX81. (И. З.)

 

5.3.1964 – Починал Милтон Манаки

Леонид Манаки – Милтон (1882 - 1964) е фотограф и филмски снимател, основоположник на македонската кинематографија. Роден е во село Авдела, Костурско. По завршеното основно училиште и први клас гимназија, почнал да го изучува фотографскиот занает кај постариот брат Јанаки. Во 1905 година неговото семејство се преселува во Битола, кадешто отвориле ателје за уметничка фотографија. Истата година од Лондон ја купиле “Камера 300” со која го снимиле првиот документарен филм “Ткајачки”. Подоцна филмски регистрирале и разни други настани и моменти од секојдневието, како “Влашкото училиште во Авдела или училиште на отворено” (1905), “Прославата на Ѓурѓовден”, “Македонска свадба во Битолско”, “Власи номади”, “Панаѓур кај Света Недела во Битола и на други места” (1907), “Бесењето на Илинденци” (1908), “Султанот Мехмед Решад во Солун и во Битола” (1911), “Тито во Битола” (1963) и други. Зачувани се околу 100 краткометражни филмски записи и репортажи на околу 1600 метри филмска лента од 35 mm, 18513 фотонегативи и 17854 фотографии. Во 1918 година заедно со братот Јанаки отвориле кино во Битола. (Д. М.)

 

5.3.1616 – 'De Revolutionibus' ставен на списокот забранети книги од Католичката црква

Астрономското дело на Никола Коперник “За движењето на небесните сфери” (De revolutionibus orbium coelestium) ја опишува хелиоцентрична поставеност на Сончевиот систем излегло од печат во 1543 година, во Нирнберг. Делото е во директен конфликт со дотогаш општоприфатениот геоцентричен модел на Птоломеј, поддржан од Католичката црква.

Првично отпечатените 400 примероци не се распродале. Ова делумно се должи на високиот стил и застапеноста на технички математички пресметки. Така, ова дело не било интересно за пошироката јавност, но својата публика ја нашло кај астрономите од тоа време.

70 години откако Коперник го објави De revolutionibus, со указот на Светата конгрегација од 5 март 1616 година, тоа е сместено во Индексот на забранети книги (Index Librorum Prohibitorum). (Н. С.)

 

5.3.1993 – Помош за слепите студенти

Пишувајќи за влијанието што компјутерите, во тоа време, би можеле да го имаат врз животот на луѓето, Лос Анџелес Тајмс даде особен осврт на лаптопот со “говорни“ можности – Тошиба Т1000. Компјутерот бил наменет за слепиот студент Роберт Антунез како помагало коешто ќе му овозможи побргу и полесно да ги заврши студиите и да дипломира. По 15 годишно откажување и повторно продолжување на студиите, со помош на Т1000 Роберт Антунез дипломирал на отсекот за политички науки на UCLA.

Т1000 беше произведен во 1987 година и имаше слични спецификации како IBM-овиот PC Convertibile: 80C88 процеосор со такт од 4,77 MHz, 514 KB RAM меморија проширлива до 1,2 МВ, и 256 КВ ROM со копија од MS-DOS 2.11. Дополнителен/алтернативен оперативен систем можеше да се вчита преку флопи дискетната единица (720 КВ 3,5“) или преку RAMDISK. T1000 беше воедно и еден од првите компјутери кои имаа лаптоп дизајн и напојување преку батерија. (З. И.)

Клучни зборови:
Легендарниот ZX81 Синклер

Легендарниот ZX81 Синклер

Легендарниот ZX81 Синклер

Легендарниот ZX81 Синклер

Леонид Манаки - Милтон со неговата камера

Леонид Манаки - Милтон со неговата камера

Братот на Милтон, Јанаки Манаки

Братот на Милтон, Јанаки Манаки

Браќата Милтон и Јанаки Манаки

Браќата Милтон и Јанаки Манаки

Концептот за хелиоцентричен модел нацртан во манускриптот на De Revolutionibus 

Концептот за хелиоцентричен модел нацртан во манускриптот на De Revolutionibus 

'За движењето на небесните сфери' од Никола Коперник

'За движењето на небесните сфери' од Никола Коперник

Лаптопот со 'говорни' можности – Тошиба Т1000

Лаптопот со 'говорни' можности – Тошиба Т1000

Лаптопот со 'говорни' можности – Тошиба Т1000

Лаптопот со 'говорни' можности – Тошиба Т1000