Рубрика: Омнибус
Отворени денови на ФЕИТ
Објавено на 27.02.2021 - 13:00

Како и секоја година Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ) и УКИМ, го организираат настанот Отворени денови на ФЕИТ чијашто цел е да ги запознае матурантите, средношколците, но и сите други заинтересирани кои сакаат да го продолжат своето образование во доменот на електротехниката, телекомуникациите и информатиката од поблиску да се запознаат со можностите и условите за изучување кои ги нуди ФЕИТ. Оваа година, поради условите на пандемија, настанот се организира и ќе се одржи online.

На настанот ќе можете од прва рака да се информирате за седумте студиски програми на првиот циклус – додипломските студии, и постапно ќе се образложи начинот и условите за конкурирање, односно за запишување на ФЕИТ. Ќе се претстават тековните студенти со своите успешни проекти, а исто така ќе можете да стапите во контакт со веќе успешни ФЕИТ дипломци и магистранти кои ќе ја споделат нивната ФЕИТ приказна. Сите што ќе се вклучат да следат презентациите, ќе можат да постават дополнителни прашања на коишто ќе им одговараат претставници од тековните студенти на ФЕИТ, како и продеканот за настава.

А за да сè не биде толку сувопарно и сериозно, во текот на трите дена сите учесници ќе имаат прилика и да се забавуваат, натпреварувајќи се во турнири на Counter-Strike и шах кои ќе може да ги најдате во делот на GAMING@FEEIT.
Отворените денови на ФЕИТ ќе траат од 4 - 6 март 2021, а сите занинтересирани ќе можат да се вклучат во живо и да ги следат преку платформата ZOOM.
Повеќе за овој настан може да прочитате на open.feit.ukim.edu.mk

Клучни зборови: