Во Полскиот институт за авијација пред некој ден беше направено пробно палење на “зелен” сателитски ракетен мотор. Ракетниот мотор е планиран како алтернатива на денешните мотори кои како погонско гориво користат хидразин, а кои телекомуникациските сателити ги користат за маневрирање до заземањето на нивната конечна геостационарна орбита.
Во моментов хидразинот е најчесто користено погонско гориво за помошните ракетни мотори кај сателитите. Тој има висока енергетска вредност, но од друга страна е мошне токсичен и корозивен, опасен е за ракување и за складирање.
Токму од овие причини Европската вселенска агенција – ЕСА го започна проектот “Зелен апогеен мотор на течно гориво за идните вселенски летала“ (Green Liquid Apogee Engine for Future Spacecraft – GRACE), со цел да се разгледаат повеќе еколошки опции за ракетните мотори, што кулминираше со овој тест со активирање на ракетен мотор во траење од 60 секунди.
Во рамките на проектот GRACE беа испитани повеќе опции, и како најефективна беше издвоена комбинацијата на бипропеланти која како оксидатор користи висококонцентриран водород-пероксид (HTP) и TMPDA гориво. HTP претставува многу почиста верзија на хидрогенот, хемикалија што се користи за белење на косата, а којашто со катализатор се разложува на кислород и водена пареа.
Проектот е речиси целосно полски, и е поддржан со програмата за стимулација на полската индустрија на ЕСА. Институтот за авијација на Полска го надгледуваше развојот, дизајнот и тестирањето, при што полската компанија Јакуж го обезбеди HTP, а компанијата WB Electronics, претставена од Flytronic, ги произведе повеќето од компонентите на ракетниот мотор. Thales Alenia Space од Велика Британија ги обезбеди побарувањата и упатствата за дизајнирање и за тестирање, вклучувајќи ја и набавката на помошниот керозински ракетен мотор од 500 N, којшто беше употребен како модел за GRACE демонстраторот.
Успехот на GRACE ја демонстрира техничката подготвеност на Полска во доменот на ракетните погони и, како дел од ЕСА, да ја приближи вселенската индустрија кон еколошка одржливост, наоѓајќи нетоксични алтернативи за традиционално употребуваните хемикалии и материјали.