Рубрика: Информатика
Интервју со Љубица Пендароска, експерт за заштита на лични податоци
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 25.02.2021 - 12:30

г-ѓа Љубица Пендароска од неодамна е претседател и координатор на Националното поглавје на EU Women4Cyber. Таа е една од 50-те највлијателни жени од областа на кибер-безбедноста во Европа. Таа е една од првите во тимот во земјава што работеле за заштита на личните податоци и дел од евро-азиската канцеларија на УНИЦЕФ, со цел унапредување на постапувањето со личните податоци на деца. Мотивот на хакерите, објаснува Пендароска, е да остварат недозволена, противзаконска корист од различен вид, односно некаква вредност.

 

ЕМИТЕР: Како е да се биде жена во светот на кибер-безбедноста?

Пендароска: Кибер-безбедноста, област што сама по себе е мултидимензионална, претставува вистински предизвик за секој што ќе биде доволно љубопитен да заплови во овие, сè уште недоволно истражени води. Велам предизвик, бидејќи, кибер-безбедноста неопходно бара широк спектар на стручни вештини за да го почнете „патувањето“. Од друга страна, пак, треба постојано да бидете подготвени во од да се приспособувате и да совладувате нови. Постојано учење, е тоа е сосема применливо во кибер-светот. А да се биде жена во сферата на кибер-безбедноста, тоа е двоен предизвик! Има повеќе ограничувачки фактори со кои се соочуваме, голем дел од нив се од чисто социјален карактер, општествени стереотипи кои го претставуваат и го градат кибер-светот како доминантно машки. Образованието игра огромна улога, преку градењето машки имиџ за професиите од кибер-сферата и поттикнувањето, кај ученичките, развој на вештини кои се „пресудни“ за друг вид професии. Самиот факт што во светски рамки жените се најмногу до 24% застапени во кибер-професиите, а многу помал процент на високи позиции, и се помалку платени за иста извршена работа во однос на мажите, зборува за себе! Но, битно е да напоменам дека има волја и конкретни акции за подобрување на состојбите. Па оттука, ако треба да изберам еден збор за тоа како е да се биде жена во кибер-безбедноста, би рекла: мотивирачки! smiley

 

ЕМИТЕР: Што претставува организацијата Women4Cyber (Жените за кибер), која е вашата мисија?

Пендароска: Оваа иницијатива на Европската Унија е токму плод на потребата жените да понудат, да стават на располагање дел од својот потенцијал во кибер-безбедноста. Организацијата е формирана од страна на Европската организација за кибер-безбедност (European Cyber Security Organization), и благодарение на претходните достигнувања на индивидуално ниво од некои жени одовде, од Македонија, ни беше дадена можност да го формираме Националното поглавје, иако формално нашата држава не е ЕУ-членка. Куриозитет што потврдува дека имаме „кибер-потенцијал“ е фактот што успеавме да го „лансираме“ националното поглавје како втори, веднаш по Шпанија. Водени сме од мисијата да помогнеме во надминување на родовиот јаз во кибер-безбедноста. Наша главна цел е да го поттикнеме, поддржиме и да го унапредиме учеството на девојките и жените во кибер-безбедноста преку широк дијапазон на активности за стекнување вештини, преквалификација и доквалификација, паралелно на образовно и на професионално ниво. Формираме јадро на жени и девојки кои или веќе се дел од професии во кибер-сферата или пак се заинтересирани за влез, со цел да придонесеме кон зголемување на кибер-потенцијалот на национално рамниште. Едноставно сакаме да го обединиме и да го зголемиме кибер-потенцијалот, да работиме и на зголемување на општата свесност за тоа колку е корисно да има повеќе жени во кибер-сферата. Да создадеме катче каде што, условно кажано, ќе се „бориме“ за женскиот потенцијал во кибер-просторот.



ЕМИТЕР: Во кој правец работите на вклученоста на жените во професиите во кибер-сферата?

Пендароска: Нашите активности се насочени во два основни правци: образование и поттикнување свесност и активности со цел зголемување на застапеноста и конкурентноста на жените во професиите во кибер-сферата. Оттука, најпрво работиме на идентификување и поврзување на заедницата, да знаеме точно со каков женски кибер-потенцијал располагаме. Тоа е појдовната точка за развивање и проширување на заедницата, преку која ќе обезбедиме видливост и вмрежување на жените што веќе работат или имаа образование од кибер-сферата. Преку споделувањето на најдобрите светски практики и претставувањето пред јавноста на т.н. Role models, како и преку менторските програми, ќе работиме на зголемување на општата свесност за значењето и придобивките од учеството на жените во кибер-светот. Идентификувањето на расположливите ресурси ни дава можност да развиеме приспособени програми за обуки за влез, усовршување и/или преквалификација во сферата на кибер-безбедноста. Тоа пак, од своја страна, ќе го поттикне учеството на жените во Програмите за истражување и иновации. Исто така, ќе овозможиме и вклучување на повеќе жени во т.н. кибер-предизвици и вежби. Преку повеќе активности ќе учествуваме во обликување на националната политика во кибер-сферата, и секако, како дел од ЕУ-мрежата, повратно ќе влијаеме врз европските политики во оваа област. Оттука, отворено ги повикувам сите заинтересирани девојки и жени, но и мажи, да ни се приклучат. Лесно ќе нѐ најдете на социјалните мрежи како Women4Cyber.

 

ЕМИТЕР: Кој ќе биде бенефитот од тоа за компаниите, за науката, истражувањата?

Пендароска: Во многу наврати е докажано колку само се зголемува квалитетот, продуктивноста и успешноста од работењето во средини/сфери кои соодветно ги обединуваат машко-женските особености и квалификации. Амалгамот е она што ги гарантира придобивките на сите рамништа. Компаниите, индустријата воопшто како главен генератор на профит и економски двигател, всушност би требало да биде најголем пропагатор на вклучувањето повеќе жени во професиите од кибер-сферата. Нашата работа преку организацијата ќе им помогне во тоа што ќе ги имаат на едно место квантитативните и квалитативните показатели, базата на сите расположливи жени во кибер-безбедноста во нашата земја. Заедно со нив, ќе можеме да развиеме приспособени, токму според потребите на компаниите, обуки што ќе ја зголемат нивната конкурентност на пазарот, во национални и во меѓународни рамки. И секако, ќе ги втиснат на мапата на компании кои се родово одговорни, како претпоставка за родово неутрален кибер-свет, заснован единствено на индивидуалните способности и квалитети. Исто така, свесни сме дека учеството на жените во науката е далеку поизразено споредено со другите сфери, но неопходно е да се поттикне учеството на жените токму во таа кибер-истражувачка компонента. И овде важи сето она што погоре беше идентификувано како придобивка од „вградувањето“ повеќе од природната женска проникливост и други особености што се далеку поизразени кај жените. Синергијата во работењето е основната придобивка, како генератор за други придобивки.

 

ЕМИТЕР: Постојат низа програми што нудат заштита во кибер-просторот. Но, програмата функционира толку добро колку што корисникот знае да ја користи. Кои се вашите искуства, колку нашите граѓани користат дополнителен софтвер на своите уреди и за заштита на личните податоци, а и колку соодветно ги користат програмите со кои располагаат?

Пендароска: За да се развие одговорно однесување во кибер-просторот, кон себеси, своите лични податоци, но и кон другите, потребно е одредено ниво на свесност за тоа дека однесувањето во онлајн-просторот не треба да се разликува од она во офлајн-просторот. И дека уште повеќе е потребно двапати да се запрашаме пред да објавиме, испратиме нешто, бидејќи преку интернетот, информациите патуваат со „брзина на светлината“. И речиси нема назад! Во таа смисла, неопходно е постојано и преку различни активности, на општествено ниво, да се работи на зголемување на таа свесност и одговорност. Искуствено, сметам дека не сме на задоволително ниво кога се во прашање програмите за заштита и нивното соодветно користење. Потребна е поголема едуцираност и одредени вештини кои кај секој индивидуален корисник ќе ја зголемат сигурноста на неговата приватност, комуникацијата и личните податоци. И во таа смисла, токму како што Вие констатиравте, не е доволно, дури може да доведе и до заблуда, ако корисникот има дополнителен софтвер, или програма за заштита, но не знае соодветно да го користи. Затоа секогаш потенцирам дека најважно е континуираното зголемување на свесноста, тоа е клучот за конкретни позитивни акции и реакции.



ЕМИТЕР: Во современиот свет, и децата се постојано приклучени на интернет. Овој тренд особено се засили со пандемијата, воведувањето онлајн-настава и зголемувањето на обемот на интернет-комуникацијата. Колку кај нас се посветува време на едукацијата на децата во поглед на безбедноста и колку родителите обрнуваат внимание на кибер-безбедноста на своите деца?

Пендароска: Има/имало многу проекти во чии рамки се работело на самосвесноста и обученоста на децата за нивно безбедно кибер-однесување. И самата сум бил дел од повеќе такви проекти. Сепак, сметам дека ни е потребна континуирана, секојдневна едукација на децата, на соодветно приспособени начини и форми, како дел од формалната настава. Неопходно, насушно ни е потребно поттикнување и развивање на одредени вештини кај децата, кои најпрво ќе им помогнат да ги видат „опасностите“ и ризиците. А потоа ќе ги оспособат соодветно да реагираат. Но уште повеќе, секојдневни споделувања на релација родител-дете, тоа е пресудно. И тоа мора да се сфати како двонасочна улица. Оттука произлегува дека е пресудно да имаме возрасни, родители кои пред сѐ, и самите се оспособени, вооружени со релевантни знаења за безбеден онлајн-живот. Значи, ни треба постојано едуцирање и подигнување на свесноста и кај децата, но и кај родителите. Секако и кај сите оние што работат со децата.

 

ЕМИТЕР: Во последниве години бевме сведоци на неколку големи упади во приватноста на граѓаните, тука не зборуваме само за аферите со прислушувања кои доведоа до низа политички и бизнис-превирања туку и за појавата на разно-разни ФБ-групи каде што се споделуваа приватни слики, некогаш и од малолетници. Колку комуникацијата во современието е навистина заштитена и колку граѓаните можат да влијаат за да се намалат овие криминогени појави?

Пендароска: Важи основното правило: колку повеќе можности добивате од нешто, толку поголеми се потенцијалните ризици од злоупотреба! Примарната заштита ја обезбедува општествениот систем, преку законски решенија и политики. Потоа, одговорните за конкретната социјална мрежа, интернет-страница и слично. Но, тие никогаш нема да ја предвидат и да ја обезбедат вашата апсолутна заштита. Таква не постои, а и разни интереси влијаат врз тоа колку безбедни ќе бидат вашите податоци на интернет. Па затоа, последната основна заштита бидете си самите вие! И како што констатиравме погоре, нема соодветна заштита без свесност, едуцираност и приспособено користење на системите за заштита. На речиси секоја обука што сум ја водела, најчесто прашање било како најдобро и најмногу да се заштитам на интернет? Па оттука мојот совет: во секоја ситуација, потрудете се самите себеси да си обезбедите заштита, така што ќе споделувате минимум информации преку интернет, притоа почитувајќи го сопствениот идентитет, идентитетот на другите и знаејќи како да реагирате ако ви се случи повреда или злоупотреба во кибер-просторот.

Клучни зборови: