Додека спиеме и сонуваме можеме да ја вршиме математички операции, да одговориме на прашањата што ни ги поставуваат, па дури и да реагираме на сетилни побуди, сево ова без да се разбудиме. Барем вака велат новите истражувања
Додека телото одмoра, нашиот ум не е сосема исклучен од реалниот свет и продолжува да работи за нас. Според истражувањето објавено во Current Biology, кое обработува тема која и претходно била предмет на истражување во 2016 година, за време на РЕМ фазата од сонот, индивидуата е во состојба да ги забележи побудите што доаѓаат од реалноста и да реагира соодветно на нив. Како што појаснува еден од авторите на трудот, Кен Пелер, “Заспаниот ги разбира прашањата поставени од оние што се будни, дава одговори и ја користи работната меморија“.
Истражувачите го анализирале однесувањето на 36 волонтери за време на таканаречениот луциден сон, состојба при којашто човекот е свесен дека сонува, а е типична за РЕМ фазата. Со цел да се добие поцелосен увид во процесот, во истражувањата се вклучени и резултатите од четири независни анализи, спроведени на четири универзитети – во Германија, САД, Франција и во Холандија, во чиишто истражувања бил применет различен пристап за да се дојде до истиот резултат. Според еден од водечките автори на студијата, Карен Конколи, комбинирањето на резултатите од четири независни лаборатории послужило како потврда за постоењето на овој двонасочен комуникациски феномен.
Во различните експерименти, учесниците биле во можност да ги следат упатствата за време на сонот, да извршуваат едноставни математички операции, да одговорат на поставените прашања со да или не, и да препознаат различни сетилни побуди. Одговорот бил регистриран како придвижување на очите или стегнање на мускулите на лицето кај волонтерите.
Според Конколи, идните истражувања за сонот би можеле да го користат истиот метод за споредување на когнитивните способности за време на спиењето и будењето. Четирите тима сега имаат за цел да ги истражат дополнително врските помеѓу сонот и меморијата и да разберат како работи меморијата додека сè уште се наоѓаме во прегратките на Морфеј.