Во денешниот времеплов ги славиме родендените на полскиот математичар и астроном Никола Коперник, на холандскиот офталмолог Херман Шнелен, и на интернет доменот apple.com. Покрај ова го одбележуваме и денот кога пред 31 година светлото на денот го виде првата итерација на Adobe Photoshop, а пред 143 години беше патентиран фонографот – првобитниот грамофон. Исто така на денешен ден е издаден и првиот налог за пребарување на компјутерски уред.
19.2.1473 – Роден е Никола Коперник
Никола Коперник (Nikolaus Copernicus), полски математичар и астроном, познат е како реформатор на астрономијата. Имено, тој го урнал дотогаш актуелниот т.н. Птоломеев геоцентричен систем на светот со Земјата во центарот, и на негово место го промовирал хелиоцентричниот систем на светот, со Сонцето во центарот. Прв ја вовел ротацијата на Земјата околу сопствената оска, објаснувајќи го привидното движење на небеските тела околу Земјата.
Тој е прв кој пишувал за огромните раздалечености меѓу Земјата и ѕвездите. Неговите откритија ги опишал во својата книга “За кружењето на небеските тела” (De Revilucionibus Orbium Coelestum) уште во 1530. Меѓутоа, таа негова студија тој ја криел сè до деновите пред својата смрт поради страв од реакцијата на католичката црква, според чии догми “Птоломеевиот геоцентричен систем е единствениот правилен систем, а сите други опции ги сметала за ерес”, и еретиците ги казнувала со запалување на клада. Книгата е објавена во 1543 година. Сè до 1758 година ова дело било внесено во листата на забранети книги од страна на Римската католичка црква. (П. Л.) (Г. П.)
19.2.1834 – Роден е Херман Шнелен
Херман Шнелен (Herman Snellen) е холандскиот офталмолог кој го создаде стандардниот постер кој и ден денес се користи за одредување на острината на видот. Постерот се состои од 10 букви распоредени по шема и во редови со различна големина на буквите, при што буквите на дното од постерот се најситни а буквата на врвот е најголема.
Иако и претходно постоеле повеќе верзии на постери кои се користеле за проверка на острината на видот кај пациентите, постерот на Шнелен имал една клучна иновација – наместо букви од стандардни фонтови тој користи оптотипи, специјално дизајнирани букви-графеми генерирани во мрежа 5x5. Тие обезбедуват физичка стандардна мерка што може да се користи при печатењето на постерот. Стандардната острина на видот се мери како можност правилно да се прочита линија од оптотипите кога тие се поставени на 5 аглови минути и се раздвоени со 1 аглова минута.
Од нејзиното воведување до денес Шнеленовиот постер останува како еден од стандардните ревизити во секоја офталмолошка ординација. Ова помагало е еден од најпродаваните постери во светот. (Н. С.)
19.2.1990 – Објавен e Adobe Photoshop 1.0
Томас Нол (Thomas Knoll) сè уште бил студент на Универзитетот во Мичиген кога решил да напише програма за неговиот Мекинтош Плус. Програмата била едноставен прегледувач на слики – требала да овозможи приказ на црнобелите фотографии на компјутерскиот монохроматски екран. Програмата, тогаш наречена Display, ја забележал неговиот брат Џон Нол (John Knoll), кој му предложи на Томас да ја надгради во уредувач на фотографии. На Томас му биле потребни 6 месеци да ја развие првата верзија на програмата за уредување на фотографии. Новата програма најнапред требала да се вика ImagePro, но бидејќи името веќе било зафатено Томас ја преименува програмата во Photoshop. Томас склучил договор со производителот на скенери Барнискен (Barneyscan) за дистрибуција на програмата како придружен софтвер за нивниот слајд скенер. На овој начин биле продадени првите 200 копии од Фотошоп.
За тоа време Џон отпатувал до Силиконската Долина каде ја презентирал програмата на инженерите во Ејпл (Apple) и на тогашниот уметнички директор во Адоби (Adobe). Обете презентации биле успешни – од Адоби решиле да ја искористат идејата, па ја купиле лиценцата за дистрибуција на софтверот. Додека Џон останал во Калифорнија работејќи на плагините за програмата, Томас се вратил во ЕнАрбор за да ја допише програмата. Adobe Photoshop 1.0 беше објавен на 19.2.1990 година и беше направен да функционира исклучиво за компјутерите на Мекинтош. Првата верзија имала ограничени можности, особено во поглед на обработката на колор фотографии, ограничување коишто било делумно наметнато од монохроматските екрани на Мекинтош. Но со секоја нова верзија низ годините Адоби го подобрува софтверот, додавајќи нови можности за манипулација на боите и фотографиите. 23 години подоцна, Фотошоп е најголемиот примарен софтвер за уредување слики. (И. З.) (Н. С.)
19.2.1878 – Томас Едисон го патентира фонографот
На денешен ден во 1878 година американскиот пронаоѓач Томас Алва Едисон (Thomas Alva Edison) го патентира фонографот. Фонографот е уред за механичко снимање и репродукција на звук. Во подоцнежната употреба е наречен грамофон. Звучните вибрации се снимаат како кореспондирачки физички отстапувања на спирално нарежаниот жлеб на површината на ротирачки цилиндaр или диск. Тоа се нарекува снимка. За да се добие повторно звук, површината идентично ротира, а иглата ги следи изгравираните бразди поради што вибрира и многу тивко го репродуцира снимениот звук. Ако е иглата поврзана со мембрана, таа ги репродуцира звучните бранови во воздухот или преку слушалки до ушите на слушателот. (Д. М.) (Т. С.)
19.2.1971 – Издаден првиот налог за пребарување на компјутерски уред за чување/складирање податоци
Иако издавањето на ваквиот налог е слично како и издавање на налог за претрес на стан/куќа, сепак како таков претставува почетокот на една нова ера што ќе доведе до пронаоѓање на се пософостицирани методи за криптирање на компјутерските датотеки со цел на нивно криење од агентите. (З. И.)
19.2.1987 – Создаден е Интернет доменот apple.com
Apple.com беше регистриран цели 4 години пред да се започне со информацискиот систем на World Wide Web или пред да се регистрира microsoft.com. Името на доменот "apple.com" не ги чинеше Стив Џобс и Епл ништо, затоа што во тоа време имињата регистрацијата на домени не се наплаќала, а покрај тоа Стив Џобс не работел за Епл кога името на доменот било регистрирано. Имено тој заминал и ја зачнал компјутерската компанија NeXT Inc.
Името на доменот го регистрирал Јохан Страндберг, а во тоа време CSNET во Бостон бил примарен интернет обезбедувач на услугите за Apple. (И. З.)