Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фото на неделата: Првата фотографија на Упорност од Марс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.02.2021 - 13:30

Фотографија од левата Hazcam камера поставена во предниот дел од роверот

Вчера, со посредство на НАСА бевме сведоци на успешното спуштање на роверот Упорност/Истрајност на површината на Марс. Целата процедура на слетување течеше според планот и немаше никакви затајувања на системите, па така токму според предвидениот распоред точно во 21 часот и 55 минути по средноевропско време Упорност испрати потврда дека безбедно стигна на површината на црвената планета во кратерот Језеро.

Како што претходно пишувавме се работи за досега технолошки најнапредниот, но и по габарит најголем ровер. Во следните недели инженерите на НАСА ќе вршат проверка на функционалноста на сите системи на Упорност пред тој да тргне во истражување на околината. Сепак, ова не пречеше роверот да ја испрати својата прва фотографија од површината на Црвената планета.

 

Првата фотографија на Упорност од Марс направена од левата Hazcam камера поставена во предниот дел од роверот (извор: JPL/NASA) 

Фотографијата е направена од навигациската камера за избегнување на опасности и препреки (Hazcams), која помага во управувањето на роверот од Земјата. Проѕирните заштитни маски на камерите сè уште не се отстранети, па така оваа прва снимка е со ниска резолуција и е делумно заматена. Како што информираат од НАСА фотографии со висока резолуција ќе бидат достапни подоцна.

Главна цел на истражувањата од мисијата на Упорност е астробиологијата, вклучувајќи тука и барање на знаци за постоење на живот во минатото на Марс. Но, покрај ова роверот ќе врши геолошки и климатолошки истражувања, со што ќе се обезбедат повеќе податоци за некоја идна мисија со човечки екипаж на тлото на Црвената планета.

Како што пишувавме Упорност е истовремено дел од една поголема мисија за носење примероци од почвата на Марс на Земјата.

Роверот е констуриран и со него се управува од страна на Лабораторијата за млазен погон (JPL) во Калифорнија.

Клучни зборови:
Фотографија од левата Hazcam камера поставена во предниот дел од роверот

Фотографија од левата Hazcam камера поставена во предниот дел од роверот (извор: JPL/NASA)

Фотографија од десната Hazcam камера поставена во задниот дел од роверот

Фотографија од десната Hazcam камера поставена во задниот дел од роверот  (извор: JPL/NASA)