Рубрика: Телекомуникации
10 години од првото прославување на Светски ден на радиото
Автор: Димац Митковски
Објавено на 13.02.2021 - 13:30

Светски ден на радиото (World Radio Day – WRD) е меѓународен ден што секоја година се слави на 13 февруари.

По барањето на Шпанската радио академија на 20 септември 2010 година Извршниот одбор на УНЕСКО вклучил точка на дневниот ред за прогласување на Светски ден на радиото. Одлуката за денот на којшто тој ќе се одбележува паднала за време на својата 36-та конференција на УНЕСКО на 3 ноември 2011 година. Тогаш било решено Светскиот ден на радиото да биде потсетник на денот кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година. Одборот понатаму побарал генералниот директор на УНЕСКО да ја поднесе резолуцијата пред Генералниот секретар на Обединетите нации, за Светскиот ден на радиото да биде одобрен од Генералното собрание и да биде прифатен од целиот систем. Светскиот ден на радиото бил едногласно прогласен од сите земји-членки на УНЕСКО, а за прв пат бил прославен на 13 февруари 2012 година.

Радиото е моќен медиум за славење на човештвото во целата своја разновидност и претставува платформа за демократски погледи. На глобално ниво, радиото останува најшироко конзумиран медиум. Оваа единствена можност да се допре до најшироката публика значи дека радиото може да го обликува искуството на различноста на општеството, да застане како арена за сите гласови да бидат претставени и слушнати. Радиостаниците треба да им служат на различните заедници, нудејќи широк спектар на програми, гледишта и содржини, и да ја рефлектираат разновидноста на публиката во нивните организации и активности.

По повод Светскиот ден на радиото 2021 година (WRD 2021), УНЕСКО ги повика радиостаниците да ја одбележат 10-годишнината од првото прославување на овој настан и повеќе од 110 години постоење на радио. Годинешното чествување е поделено на три главни теми:

• ЕВОЛУЦИЈА. Светот се менува, радиото еволуира.Оваа подтема се однесува на еластичноста на радиото, на неговата одржливост.

• ИНОВАЦИЈА. Светот се менува, радиото се прилагодува и иновира. Радиото мораше да се прилагоди на новите технологии за да остане медиум на мобилноста, достапен насекаде и за секого.

• ВРСКА. Светот се менува, радиото поврзува. Оваа подтема ги истакнува услугите на радиото кон нашето општество – природни катастрофи, социоекономски кризи, епидемии итн.

Клучни зборови: