Наутел (Nautel) склучи уште еден голем договор за обезбедување на FM радиопредаватели во Турција. Компанијата треба да ја снабди Турската радиотелевизија (ТРТ) со 30 NVLT FM предаватели со моќност од 5 kW, со можност да купи уште 12, ако има потреба. Предавателите ќе бидат распоредени на клучните локации низ целата земја, со цел модернизација на предавателната мрежа.
Во изминатата деценија турската радиотелевизија е голем клиент на Наутел. Во 2008 – 2009 година, Наутел добил договор за 195 FM предаватели во опсег на моќност до 20 kW и три среднобранови предаватели од 300 kW.
Со седиште во Анкара, ТРТ обезбедува пет регионални и шест национални радио програми, како и шест радиоемитувања на АМ. Дополнително, “Гласот на Турција” обезбедува програми на кратки бранови на 32 јазици. Програмите на радиото на ТРТ се достапни преку Интернет, сателит и кабел.
Раководителот на Одделот за работа на предавателите, Јусуф Тасдемир (Yusef Tasdemir) во врска со овој договор изјавил: “Турската радио инфраструктура е веќе една од најдобрите во светот и ние го избравме Наутел за овој проект затоа што тие ги имаат потребните алатки за понатамошно подобрување на нашите емитувачки способности. Леснотијата на управување со далечинскиот управувач преку Nautel AUI, што ќе се направи од нашето седиште во Анкара, заедно со високата ефикасност и угледот на предавателите за сигурност, ќе и помогне на ТРТ да ги задржи оперативните трошоци на минимум, обезбедувајќи го покривањето што го посакуваме “.
Инаку, компанијата Nautel Ltd, основана 1969 година, е канадски производител на AM и FM радиопредаватели, навигациски радиосветилници, предаватели на диференцијален глобален систем за позиционирање (DGPS), радиопредаватели за временски информации NOAA, засилувачи на ниски фреквенции со голема моќност на системи SONAR итн.